Да. 365 дена ( и уште приближно 6 часа) и требаат на Земјата за да го обиколи Сонцето. Го завршува својот „круг“ без да го брои времето на наш начин. За Сончевиот систем ние сме само уште еден „камен“.

Тој Камен е нашиот Дом кој на 15 ноември, годинава, го доби својот осум милијардити жител – Венис од Филипини. И за да биде покомплицирана и онака тешката 2022 година, се појави и веста дека всушност Дамијан, роден во Доминиканската Република е осум милијардитиот. Сеедно. Да се живи и здрави и Венис и Дамијан и сите бебиња кои ни се родија- добредојдоа на Дуњава.

Седум милијардитиот жител пак, денеска е единаесет годишно девојче, Садиа Султана од Бангладеш. Интелигентно девојче кое повеќе сака да игра фудбал отколку да работи во семејниот бизнис на брод.

Шестиоти петиот милијардити на планетава се родени на просторот на поранешната СФРЈ, Аднан Мевиќ од Сараево, во 1999 година, и Матеј Гашпар од Загреб, во 1987 година. За Аднан нема достапни податоци каде е и што прави денеска како 23 годишно момче, но за Матеј е познато дека е хемиски инженер и семеен 35 годишен маж кој живее во Загреб. Не сака јавност зашто вели дека е „под камери“ откако се родил. Со години живее подалеку од нив. Но, веројатно се сеќава, барем на насловот, на исклучително популарната американска серија од крајот на 90-тите и почетокот на овој век, на „Третиот камен од Сонцето“. Семејството Соломон, чии „членови“ по казна беа испратени од друга планета, се прилагоди на животот на „Третиот камен“ иако луѓето им беа и здодевни и заостанати и глупави, но сепак забавни.

Од последната епизода на оваа серија поминаа 21 година. Во меѓувреме, ние веќе не сме забавни. Другото, остана да важи.
Да, се променивме. Многу се променивме. А мислевме дека е од лилјакот на пазарот во Вухан ?! Иако, смртоносниот вирус дојде како лекција, ние ништо не научивме -ни што е за јадење, ни што е за пиење. Ни што е вистина, а што е лага. Останавме во „карантинот“ при отворени врати. И така со ширум отворени врати, а замижани, дојдоа кризите – која од која поголема. И „замижаните“ отворија уста ама прагот не го пречекорија. Од комфорна далечина и натаму даваат совети, исти како за време на пандемијата – не е опасно, па опасно е. Каде се вакцините, па не се вакцинирајте… И доаѓа хитот – прскање на улиците во Велес со света вода против корона ??? Изгледа замавнаа далеку со водата, па ги онеспособија компјутерите на хакерите на Трамп. А толку убав град, со толку умни луѓе ….. Пак ќе речам, лилјакот од Вухан не е крив.

И единствено во тоа се согласуваме со оние едвај „Два и пол мажи“ во нашата опозиција. И толку и до тука. Зашто за нив инфицираниот лилјак е само еден „оброк“ од светскиот заговор на Американците против Кинезите, Русите и останатите „браќа од тетка“. Нивната несериозност ниту ги решила ниту ќе ги реши огромните предизвици кои кулминираа во 2022 година.

Сериозни проблеми бараат сериозни луѓе. Луѓе кои разбираат дека уште една хаотична и тешка година завршува, а останува во 2023 сите да се справуваме со четири најголеми предизвици: последиците од војната во Украина, инфлацијата, хаосот на пазарот на енергија, со Ковидот кој уште „беснее“во Кина. Балканот има уште еден голем предизвик, односите Србија – Косово.

Навистина, 2022 е година како ниту една досега. Економски, енергетски и геополитички нашата реалност се менуваше од месец во месец. Ниту една „бура“ не нè одмина и затоа треба чесно да се соочиме со реалноста дека ние сме мала земја чија економија и мерки за справување со кризата не можат да се споредат со многу други земји, а најмалку со САД или Јапонија.За да се стави инфлацијата под контрола ќе треба време. Ќе има и успешни и помалку успешни потези, но важно е да се биде буден, реален и солидарен. Економистите со светско реноме во оваа област, велат дека ова е ново време со нови економски правила и дека „старите лекови“ веќе не се дел од успешната терапија.

Обединетите Нации ја прогласија 2023 г. за меѓународна година на просото. Европската житница, Украина, е толку контаминирана од Руската агресија што на почвата ќе и требаат децении за делумно да се опорави. Тој факт ги мобилизираше сите европски земји. И ние не сме исклучок. Домашното производство на храна за нас е безбедносно прашање.

И додека сè се промени во 2022 г., само нашата опозиција си остана иста. Понудата ( и на десницата и на левицата) е како глетка во магазините низ Молдавија во деведесетите години – рафтови со два производа – соленки како пури и млеко од биволица. И две дилеми – дали ќе сршите заб или ќе го повратите млекото ?! Медот не беше во понудата, како што ми кажаа сведоци на оваа „слика“ од Молдавија.

Од 22 јануари, според Кинескиот хороскоп, започнува годината на Зајакот, симбол на мир и просперитет, симбол кој предвидува дека 2023 година е година на надеж. Така и да биде.

Од срце, Среќна Нова и убав Божик!

И радост во вашите домови, зашто по кафеаните е стандард – петстотка за „Ѓурга“, а потоа,илјадарка за „Поноќ је“. Среќа, не е.
Колумна Сања Лукаревска, заменик претседателка на СДСМ