Поддршката од Светска банка за Република Северна Македонија за справување со последиците од кризата предизвикана од ковид-19 ќе изнесува околу 140 милиони евра. Дел од средствата ќе се наменат за нов проект „Проект за брзо дејствување против ковид-19“ во износ од околу 90 милиони евра, а останатите 50 милиони евра за мерката за „финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен“ за работодавци и самостојни вршители на дејност. Ова беше дискутирано, во рамки на виртуелните Пролетни средби на ММФ и Светска банка, на состанокот на потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер со вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерката за економија, Мила Царовска, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска.

На состанокот учествуваше и наследничката на Милер, Ана Бјерд, која од 1 мај ќе ја преземе неговата функција, по завршувањето на неговиот мандат.

Во дискусијата, детално беа презентирани ефектите од глобалната криза предизвикана од коронавирусот врз македонската економија, а беа разгледани и економските мерки за справување со шокот од пандемијата. Од Светска банка позитивно ги оценуваат мерките коишто во рамки на своите надлежности ги преземаат Владата и Народната банка, за коишто се смета дека се навремени и таргетирани.

Акцент беше ставен и на стабилноста на финансискиот систем, при што и овојпат беше нагласено дека таа мора и понатаму да биде приоритет. Во тој контекст, одделно се разговараше за активностите и мерките на Народната банка што се однесуваат на стабилноста на банкарскиот систем, којашто е клучна за одржување и јакнење на севкупната финансиска стабилност. Досега преземените мерки се сметаат за дополнителна гаранција дека стабилноста ќе биде одржана, а особено важно е и што системот има капацитет да се справи со шокот, што се должи и на прудентната регулатива, во голема мера усогласена и со европските регулативи.

Соодветниот одговор на носителите на политиките во однос на предизвиците коишто ги поставува кризата предизвикана од коронавирусот се значаен сигнал за поддршката којашто Светска банка ја дава за Северна Македонија. Со 50 милиони евра од Светска банка, ќе се поддржи мерката со која ќе се даде финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за исплата на плати во април и во мај. Аплицирањето за оваа мерка започнува од почетокот на мај. Освен финансиски, Светска банка учествуваше и советодавно во мерката, а препораките што се базираа на технички анализи, искуства од претходни големи кризи, но и мислења собрани преку консултации со приватниот сектор, вклучително и во Северна Македонија, беа вклучени во главната рамка усвоена од страна на Владата.

Новиот проект за брзо дејствување против последиците од кризата предизвикана од ковид-19, во износ од 90 милиони евра, се состои од две компоненти. Првата компонента за итен одговор, се однесува на зајакнување на здравствените капацитети со обезбедување зголемување на капцитетите за тестирање, техничка експертиза, лабораториска опрема, заштитна опрема, медицински помошни материјали и опрема, реновирање здравствени установи, развој на системи за да се обезбеди навремено откривање случаи и следење контакт, во согласност со упатствата на Светската здравствена организација, како и финансирање на придонесот за здравствено осигурување за ранливи корисници. Втората компонента за поддршка на домаќинствата се однесува на обезбедување поддршка за трансфери за ранливи домаќинства погодени од последиците од коронавирусот и паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места како резултат на кризата.

На средбата беа разгледани и проекциите од последниот Регионален економски извештај на Светска банка, согласно кој се предвидува забавување на економиите на Западен Балкан меѓу -3 и -5,6%. Според Светска банка, Северна Македонија ќе има најмало забавување на економијата, помеѓу -1,4% и -3,2%.