Со изградбата на браната „Конско“, ќе се обезбеди редовно снабдување со квалитетна вода за пиење, за наводнување на земјоделските површини, за производство на електрична енергија, но ќе значи и обезбедена вода за дотур за спас на Дојранското езеро. Браната ќе обезбеди вода за наводнување на нови 8.000 хектари земјоделски површини, со што наводнуваните земјоделски површини ги зголемуваме за пет пати, истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски кој заедно со градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, беа на локацијата кадешто во моментов интензивно се гради браната.
Изградбата на браната започна пред две години и досега согласно договорот со изведувачот, околу 60 отсто од изградбата е завршена. Се очекува до крајот на оваа година да заврши целосната изградба на браната.
– Изминатите години ова беше голем проблем за земјоделците и ја зголемуваше цената на земјоделските производи. Со оваа брана ќе се создадат неопходните услови за дополнителен развој на земјоделството, зголемување на производството на храна со намалени и  конкурентни цени, нагласи Димковски.

Вештачкото езеро на браната „Конско“ која се наоѓа веднаш под излетничко-рекреативниот локалитет Смрдлива Вода на Кожув, на само 20-тина километри оддалеченост од градот, претставува нова содржина во локалната туристичка понуда на Гевгелија.

-За Општина Гевгелија оваа брана има големо значење, наводнување, развој на туризмот, обезбедување на чиста вода за пиење. Ова е најголема инвестиција во последните 50 години во Општина Гевгелија“, истакна градоначалникот, Поцков.

Овој капитален проект е финансиран од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од Програмата за рурален развој и од буџетот за таа намена се издвоени 40 милиони евра.