Локалната самоуправа започна со реконструкција на пешачката површина на улицата “Кирил и Методиј”, кај Саат Кулата или познатата стара чаршија. Овој тротоар беше во дотраена состојба и тешко прооден за пешаците, па така со реконструкцијата граѓаните ќе добијат нова и безбедна пешачка површина.
Градоначалникот Бочварски изврши увид во работните активности на изведувачот кои се движат со голема динамика.
“Централното градско јадро добива нова пешачка површина од 600 метри квадратни кај саат кулата на улицата Кирил и Методиј. Работиме на целосна реконструкција на тротоарот со што ќе добиеме нов модерен, урбан лик и побезбедна површина за движење на граѓаните.
Се работи за тротоар којшто беше во лоша состојба и по барање на граѓаните ќе го реконструираме. Околу 600 метри квадратни ќе добијат нова и проодна површина, а инвестицијата ќе биде околу 800.000 денари,“ потенцираше Бочварски.
Општина Штип интензивно работи на неколку патни инфраструктури. Ќе се рехабилитира улицата Тошо Арсов кај хотел „Оаза“, улицата Љубен Иванов што води до штипската болница, ќе се асфалтира паркинг просторот позади пензионерскиот дом, дел од Булевар ЈНА кај училиштето „Тошо Арсов“, улицата Сајбие Демир кај новата детска градинка.
Дополнително штипјани ќе добијат нова паркинг платформа во централното градско подрачје кај Здравствениот дом „Панче Караѓозов“.
Мостот на река Брегалница наскоро ќе биде пуштен во употреба и граѓаните ќе имаат големо растеретување во сообраќајот во тој дел од градот.