СДСМ и коалицијата нудат програма што е мерлива, со подобрување на инфраструктура, решавање на сообраќајниот хаос, регулација на Дурачка Река, гасификација, големи проекти за раст и развој на Крива Паланка, рече на синоќешното обраќање пред сограѓаните кандидатот за градоначалник на Општина Крива Паланка од СДСМ и коалицијата, Сашко Митовски.

– Крива Паланка ќе добие повеќе детски урбани катчиња и многу нови зелени површини, уредени цветни локации, за убав и достоинствен живот на сите. За убаво и пријатно чувство тука, во родниот град. Ќе бидам партнер и сервис на граѓаните, народен градоначалник каков што посакуваат сите кривопаланчани. Ќе работам без финансиски надомест, ќе се откажам од мојата плата, од средствата за дневници и патни трошоци и ќе ги донирам за ранливи категории, посочи Митовски.

Како дел од следните капитални проекти содржани во програмата на кандидатот за градоначалник на Крива Паланка, Сашко Митовски, ја најави изградбата на туристичко рекреативниот центар „Калин Камен“, регулирање на Дурачка река со пристапен пат, изградба на катна гаража, отворање на младински центар, инвестиции во образованието, помош за пензионерите и друго.