На денешната седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за спроведување на проект Мултиетнички Центар за третман на деца со аутизам АДХД и Аспергеров синдром во Тетово.

Проектот се реализира во рамки на билатералната соработка за постигнување на целите на среднорочната програма 2016 – 2020 со која се промовира развојна соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, која се остварува од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје во насока на зајакнување на соработката и партнерството на граѓанското општество и државните институции од Република Северна Македонија и Република Бугарија и е придонес на Република Бугарија во европската перспектива на Република Северна Македонија.

Вкупната вредност на проектот е  122.710 евра, а Мултиетничкиот Центар за третман на деца со аутизам АДХД и Аспергеров синдром ќе биде сместен во рамки на одделот за физикална медицина и рехабилитација во ЈЗУ Клиничка болница Тетово. За проектот веќе се предвидени простории од 200 м2 кои ќе бидат доделени на користење на Здружението за грижа на лица со аутизам, АДХД и синдром на Аспергер „Во МОЈОТ СВЕТ“ кои се избрани и назначени за спроведувач на проектот од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.