Општина Карпош започнува со изведба на нова, спортско – рекреативна зона во урбаната заедница Карпош 3, како составен дел од училишниот двор на основното училиште „Лазо Трповски“ (долж булеварот „Илинден“). На овој потег ќе бидат лоцирани нови спортски терени, а веќе постоечкото игралиште кое се наоѓа во полоша состојба, ќе биде реконструирано и  прилагодено за  играње на мал фудбал и ракомет.

Исто така, љубителите на кошарката ќе добијат нов терен за баскет. Во рамки на оваа зона се предвидува и фитнес дел, со спортски направи за вежбање и детско игралиште, како и соодветна урбана опрема (клупи за седење, корпи за отпадоци) и осветлување.

Сепак, доминантна ќе биде зелената површина и дрвјата. Затоа, Општината планира и поставување на систем за наводнување на зеленилото, со цел, тоа да биде одржувано во текот на целата година.

Локалната самоуправа реши да го облагороди овој простор, кој со децении делуваше запуштено. Спортско – рекреативната зона е во јадрото на Карпош 3 и ќе биде достапна за сите граѓани. Всушност, жителите покажаа интерес за ваква зелена и  спортско – рекреативна зона и преку анкетата која Општината ја спроведе пред донесување на Буџетот за 2020 година, но и во секојдневните контакти со општинските служби.

Општина Карпош продолжува со хуманизација на јавниот простор и негово прилагодување на реалните потреби на граѓаните. Минатата година, Општината го реконструираше и фудбалското игралиште „Сокол“,  а беа обновени и терените во Бардовци. Интензивно се работи и на Спортско – адреналинскиот парк, долж реката Вардар, кај Алпинистичката карпа, потег кој ќе биде меѓу поатрактивните делови од главниот град, Скопје.