Заменичката на претседателот на Владата за економски прашања, Мила Царовска, дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ и градоначалникот Општина Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев на покана на Општината, денеска присуствуваа на отворањето на првата детска градинка во село Спанчево. Со отворањето на новиот објект „Штркче“ Јавна установа за деца – Детска градинка „Ѕвездички” ќе располага со три објекти со вкупен капацитет за 120 деца.
„Секогаш сум неизмерно среќна кога отвораме нови градинки, посебно кога тие се први градинки во руралните места како во Спанчево. Врвен приоритет на Владата е опфатот на децата коишто одат во градинка да го зголеми за 50%, бидејќи вложувањето во раниот детски развој е вложување во луѓето коишто се најголемиот капитал на државата. Со отворањето на нови градинки ја јакнеме вработливоста посебно на жените, бидејќи обезбедуваме грижа и воспитание на нивните деца во местата каде што живеат, а тие ќе може да се вклучат на пазарот на труд”, изјави Царовска.
Дополнителната заменик министерка, Шкријељ рече дека МТСП во градинката инвестираше околу 5 милиони денари и продолжува со инвестициите бидејќи грижата за секое дете е врвен приоритет на оваа Влада.
„Градинките не се места само каде што се згрижуваат децата туку и место каде што го осознаваат светот и се воспитуваат. Во контекст на ова за идната година од Буџетот на државата се издвоени 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години беа инвестирани над 180 милиони денари. Обезбедени се и дополнителни 15 милиони евра од Светска банка за изградба на градинки. Како Влада се грижиме и за кадарот што се грижи за нашите деца и само во последната година платите на воспитувачите се зголемени за 21% што е најголемо покачување до сега”, рече Шкријељ.
Градоначалникот, Горанчо Крстев се заблагодари за огромната поддршка од Владата за инвестирањето во раниот детски развој, бидејќи на овој начин се решава проблемот со згрижување на децата во Општина Чешиново-Облешево.