Шестиот пакет мерки, вреден 17,8 милиони евра, содржи таргетирана финансиска помош за околу 10.000 компании и околу 60 илјади вработени. Опфатени се 12 категории на дејности меѓу кои угостителските објекти кои не работат поради рестриктивните мерки, потоа ноќните клубови, рестораните за свадби, евент индустријата, фитнес центрите, фотостудијата и приватните детски одмаралишта.

Мерки има и за туристичките агенции и за медиумите, а планирани се и бесплатни 50 илјади ПЦР тестови за странските туристи кои ќе престојуваат во земјава.

На угостителските објекти ќе им бидат покриени 30 проценти од приходите. Дополнително ќе добијат финансиска помош од 15.200 денари за секое вработено лице за што ќе бидат одвоени 9,9 милиони евра со кои се очекува да бидат опфатени 6.000 угостителски објекти со околу 17 илјади вработени.

Со околу 2,5 милиони евра ќе бидат поддржани приватните детски одмаралишта, ноќните клубови, игротеките, рестораните за свадби, евент индустријата, фитнес центрите и фотостудијата. Во оваа категорија, според проценките, спаѓаат околу 1.200 компании на кои ќе им бидат покриени околу 30 проценти од приходите и дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари по вработен.

Трета мерка се однесува на туристичките агенции со А и Б лиценца за кои се одвоени 1,4 милиони евра. Агенциите со А лиценца ќе добијат најмногу до 5 илјади евра, а туристичките агенции со Б лиценца до 2.000 евра. Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат туристичките водичи и музичарите кои во 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15 илјади денари.

Два милиони евра се одвојуваат и за компаниите кои ја реинвестирале добивката во 2019 година. Оваа мерка ќе се реализира преку Развојната банка, а се очекува да им помогне на компаниите да ја зголемат својата ликвидност.

Во шестиот пакет мерки има и бескаматна кредитна линија во висина од еден милион евра со нула каматна стапка која е наменета за медиумите.

– Свесен сум дека позади нас имаме тешка година во која неизвесноста и неможноста да се види јасно сликата и извесниот крај, сите не прави нетрпеливи. Конзистентно и посветено работиме на креирање мерки и решенија кои ја поддржуваат домашната економија. Ги разбирам и оние кои во последниве денови се гласни на улиците, разбирам дека сите се грижиме за својата иднина. Веќе неколку пати повторив и ќе повторам и денес – треба да останеме здрави и живи, а се останато заедно ќе го надокнадиме, порача вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи на денешната прес-конференција на која заедно со економскиот тим на Владата го презентираа шестиот пакет мерки.

Битиќи истакна дека се следат состојбите и екномските параметри и доколку е потребно ќе бидат донесени нови пакети мерки.

– Кога го донесовме петтиот пакет мерки укажавме дека ги следиме состојбите и соосдветно реагираме. Затоа дојде шесттиот пакет мерки бидејќи никој не можеше да предвиди дека во април ќе мораме да донесеме одлука за затворање на угостителскиот сектор. Следиме и се консутлираме со стопанските комори и синдикатите. Ако е потребно, соодветно ќе реагираме. Економскиот тим на Владата е во постојано заседание, нагласи Битиќи.