Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Благе Цветковиќ, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, денеска беа во село Раштак каде во тек е реконструкција и проширување на регионалниот пат од Бутел до Раштак во должина од 5 километри. Реконструкцијата се извршува со финансиска поддршка од Програмата за рурален развој, за што општина Гази Баба доби грант од 11,9 милиони денари.

„Капиталните инвестиции наменети за развој на руралните средини интензивно се реализираат на терен. Сите овие проекти кои веќе се реализираат на терен, се само потврда на мерките кои оваа Влада ги превзема за подобрување на условите за живот во руралните средини. Секојдневно докажуваме на терен дека подеднакво се грижиме за сите општини и обезбедуваме достоинствен живот за сите наши граѓани“, изјави заменик-министерот Цветковиќ.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Бабовски, посочи дека општина Гази Баба за мерките од Програмата за рурален развој има поднесено барања за три проекти, за што ќе добие финансиска поддршка од близу 40 милиони денари.

„ Тоа се народни пари кои на овој начин повторно ги враќаме кај граѓаните. Преку реализација на ваквите проекти ги развиваме и потенцијалите на малите населни места, а со тоа ги правиме поатрактивни и за рурален туризам и за еконоски развој. Преку реализацијата на инвестициите во патишта , водовод , канализациони мрежи, зачувување на културно-искористиските места, создаваме можности и услови младите да остануват во своите родни краишта и да развиваат сопствен бизнис“, изјави дикректорот Бабовски.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Георгиевски изјави дека е ставен посебен акцент на подобрување на патната инфраструктура во општината во повеќе населени места и во соработка со Владата значително се придонесува во подобрување на условите за живот во руралните средини.

„Со оваа реконструкцијата опфаќаме и проширување на  патот, како и изградба на потпорен ѕид. Жителите на Раштак добиваат пат кој ќе им овозможи безбедно и ефикасно поврзување со општина Бутел. Овој инфраструктурен проект е трет што во овој период го започнавме заедно со Владата, на терен веќе започнавме со изградба на локалниот пат од ООУ “Наум Охридски” до викенд населбата во Булачани во должина од 1100 метри, како и патот од манастир Св. Илија до населеното место Виниче во должина од 2 км“, изјави  Георгиевски.

Преку мерките од Програмата за рурален развој во сите општини во државата во моментов се реализираат над 200 инвестициски проекти, за што Владата обезбеди 38 милиони евра.