Започнаа подготвителните активности за изградбата на новата детска градинка во населбата Касарна во Струмица. Објектот ќе се гради на површина од 1.443 метри квадратни со приземје и кат и ќе располага со капацитет за 300 деца.

Проектот е финансиран од Министерството за труд и социјална политика, а предвидениот рок за изградба е 16 месеци. Новата градинка ќе биде изградена по најсовремени стандарди за згрижување на деца од предучилишна возраст и со неа ќе се реши проблемот со недостиг на капацитети во клоновите на градинката „Детска радост“. Со ова, но и претходно преземените активности за реконструкција и проширување на постоечките капацитети, општина Струмица ја потврдува грижата за децата од предучилишна возраст и за нивниот правилен раст и развој.