Ова се тешки моменти за сите граѓани на нашата земја. Корона вирусот комплетно ги промени нашите животи. Загрижени сте за вашите работни места, за вашите компании кои макотрпно сте ги граделе со години. Загрижени сте за вашата иднина. Го разбираме вашиот страв но запомнете, во оваа битка со корона кризата, не сте сами. Заедно ќе го изодиме овој тежок пат и верувам дека заедно ќе излеземе од оваа криза уште посилни, изјави на денешната прес-конференција, Коста Петров, потпретседателот на СДСМ.

„Од самата појава на корона вирусот во нашата земја, целите на Владата предводена од СДСМ беа јасни. Да се помогне на што повеќе граѓани, да зачуваме што повеќе работни места, да ги поддржиме компаниите на нашите сограѓани но и да ги поставиме темелите за рестарт на нашата економија кога ќе заврши кризата.

Помошта од 14.500 денари по вработен, обезбедена од Владата, заедно со Светска банка, значи спас на многу работни места но и сигурност во животите на нашите сограѓани за време на корона кризата. За да може што повеќе фирми да аплицираат а со тоа и да се спасат многу повеќе работни места, обезбедена е флексибилност во условите за користење на мерките.

Со оваа нова флексибилнот им помагаме на нашите сограѓани од најпогодените сектори од кризата како угостителството, туризмот и транспортот покрај 14.500 по вработен, да добијат поддршка и од 50% од придонесите за април и мај.

Во претходните неколку дена имаше и многу дискусија дали треба да се вратат средствата кои ќе ги добиете како финансиска поддршка.

Фирмите кои ќе ја користат мерката помош од 14.500 по вработен, дури и да покажат добивка за 2020 година, нема да треба да ја вратат помошта што ја добиле од Владата, ако истата сума на пари ја инвестираат во развој на сопствената фирма во текот на 2021 година.

Со цел, што повеќе компании да аплицираат за оваа мерка а со тоа да се спасат многу повеќе работни места, фирмите можат да ги користат сите мерки на Владата, исклучиво доколку не спроведат отпуштања од поголеми размери, односно доколку евентуалните отпуштања не се поголеми од 5% за големи компании, 10% за средни компании и 15 % за микро компании. Напоменуваме, целта на оваа флексибилност е да се зголеми бројот на компаниите кои ќе ја користат финансиската помош. Зборуваме за флексибилност која може да спаси илјадници работни места на нашите сограѓани“, истакна Петров.

„Заеднички ќе ја пребродиме оваа криза. Не ги забораваме ниту нашите сограѓани кои поради корона кризата ќе останат без работат. Владата преку друга мерка обезбедува 50% од просечна плата што ја земал граѓанинот, преку системот на социјална заштита.

Ние не застануваме тука. Како солидарна партија која инвестира и се грижи за сите свои граѓани, во моментов развиваме решенија за рестарт на македонската економија преку храбри, креативни и иновативни чекори со кои ќе обезбедиме создавање на нови работни места.

Нашите мерки носеле и ќе носат резултати. За тоа зборува и вчерашните проекции од Светската Банка според кои се проценува дека Северна Македонија најдобро ќе се справи со економскиот удар од кризата од сите земји во регионот.

Почитувани граѓани, заедно сме во ова и сите заедно ќе излеземе посилни од оваа криза“, посочи Петров.