Дополнително зголемување на платите од 5% ќе добијат и соработниците во секторот на јавното здравство. Покачувањето на платите на соработниците ќе започне од јуни 2020 година. Јавното здравство во текот на 2019 и со тоа што ќе следи во тековната година добива рекордно зголемување на платите во сите сектори. Здравствените кадри за првпат во постоењето на државата добиваат толку покачувања на платите и бенефиции и се инвестира во подобрување на нивниот статус.

Вложувањето во здравствените кадри е со цел да се мотивираат и јавното здравство на Македонија да има квалификуван и професионален медицински кадар што е еден од основните услови за квалитетно здравство.

Зголемувањето на платите е само една од промените што се направени во изминатиот период. На целосното вложување во човечкиот капитал се поврзуваат и најновите измени и дополнувања во Колективниот договор за здравствена дејност. Со овие измени се направи значително зголемување на коефициентот на сложеност, а се зголеми и додатокот на плата за дежурства.

Основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40%, на медицинските сестри до 23%, на општите лекари 25% и 15% на останатите здравствени соработници, заклучно со февруари 2020 година. За 15% е зголемен капитациониот бод на матичните лекари од општа пракса, педијатрија, гинекологија и стоматологија, а на терциерно ниво се одобрија повеќе од 1000 специјализации и супспецијализации.

Со цел подобрување на здравствените услуги и зајакнување на капацитетите на јавното здравство во изминатите две години дадени се повеќе од 5000 согласности за вработувања во јавното здравство. Покрај зголемувањето на платите, капацитетите на јавното здравство се зголемуваа и со подобрување на условите за работа во секоја јавно-здравствена установа.

Министерството за здравство и во 2020 година продолжува да инвестира во човечкиот капитал и целосно во здравството, затоа што само со професионалност и квалитетна работа, пациентите ќе добиваат врвна здравствена нега.