ВМРО-ДПМНЕ вчера на Централен комитет ги утврди носителите на изборните листи и кандидатите за пратеници.

Во Изборната единица 3, носител ќе биде Генералниот секретар, Игор Јанушев кој потекнува од Велес.

Иако на претходните изборни циклуси во 2014 и 2016 година, кандидатката за пратеник на оваа партија од Крива Паланка беше на високото добитно трето место, на овие избори тое е исклучок.

Кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Крива Паланка е Анри Андоновски, актуелен претседател на Општинскиот Комитет.

Андоновски, се наоѓа на ниското 14-то место, кое важи за недобитно.

Според сите анкети, оние што ги имаат во штабот на СДСМ и оние што ги имаат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, во Изборната единица Три, ќе се води “мртва трка”, т.е разликата помеѓу двете партии во пратенички мандати ќе биде многу мала. Еден до најмногу два пратеника во корист на една од партиите. Според тоа, партијата која ќе победи во “тројката” би добила најмногу 11 мандати.

Од друга страна, носител на листата на СДСМ во оваа изборна единица е Генералниот секретар, Љупчо Николовски, токму како кандидат за пратеник од Крива Паланка.

Значи, СДСМ својот кандидат од Крива Паланка во оваа изборна единица го позиционира на местото бр.1, како носител, додека ВМРО-ДПМНЕ на Крива Паланка и го има доделено 14-тото место кое е недобитно по сите анализи.

Ако, според “донтоновиот модел” со кој се пресметуваат мандатите, потребни се помеѓу 6-7.000 гласови за еден пратеник, тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка, планираат и знаат дека ќе освојат многу помалку гласови од таа бројка и затоа, кандидатот од оваа општина не е поставен на добитна позиција.