Од денеска нашите возачки дозволи се признати и во Данска. Последните информации кои пристигнаа од нашата амбасада во Копенхаген, е дека данските власти, а врз основа на билатералната соработка, донесоа одлука за признавање на возачките дозволи на Северна Македонија, соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи на Фејсбук.

Со оваа одлука граѓаните на Северна Македонија, кои имаат регулирано постојан престој на територијата на Данска, веќе од 14 декември ќе можат да управуваат возило со замена на својата возачка дозвола за соодветна данска возачка дозвола, за категорија Б, без услов апликантот да мора да положи контролен возачки испит.

– Конечното решавање на ова прашање за државјаните на Република Северна Македонија во Данска е од голема важност за нив и се надминува еден деценски проблем што го обременуваше нивниот секојдневен живот таму, имајќи ја во предвид и бројноста на нашата дијаспора во Данска. Дипломатијата во служба на дијаспората, напиша Османи.