Претседателот на Независниот полициски синдикат (НСП) Гоце Делчев реагира на јавната набавка на 600 ремени во Министерството за внатрешни работи и упатува забелешки до министерот за внатрешни работи Наќе Чулев зошто не дозволил вклучување на членови на овој Синдикат во комисиите на МВР, вклучително и на таа за јавни набавки. На Чулев му забележува и дека определил комисии за водење дисцилински постапки само со еден потпис и повикува министерот и премиерот Оливер Спасовски да го решат проблемот за барањето награди за полицајците.

-Многу вработени во полицијата вчера се запрепастија кога слушнаа од медиумите и преку социјалните мрежи дека 300 илјади евра се дадени преку јавни набавки за набавка на 600 ремени. Јавно го прашувам министерот за внатрешни работи за кого ќе бидат наменети овие ремени и која е намерата за набавка по оваа висока цена, истакна на денешната прес-конференција Делчев и праша зошто министерот не дозволил вклучување на членови на НСП во одредени комисии во МВР, во случајов во Комисијата за јавни набавки.

Втора работа, додава тој, како изминатите неколку месеци додека трае коронавиурсот со полициски час определил комисии за водење дисциплински псотапки во рамки на Министерството само со еден потпис.

– Дали тие комисии се валидни и дали воопшто тие комисии што функционираат во рамки на МВР во моментов се соласно соодветните законските регулативи кои ја регулираат оваа материја, а прашањето е врз база на се она што одредени членови на НСП кои преку адвокатите на НСП веќе подолг временски период реагираат на незаконски поставени комисии, а се ова што го прашувам претпоставувам дека и министерот Чулев или од него овластени од МВР ќе имаат доблест јавно да проговорат како и на кој начин се направени тие комисии во секторите за внатрешни работи во регионалните центри и комисијата во рамки на БЈБ, посочи Делчев.

Тој изнесе и тврдење дека осум дена полициската станица за обезбедување на границата Танушевци е без струја и два дена без вода.

– Не може полициската станица Танушевци наназад неколку месеци да има невиден проблем со струјата, каде што и од ЕВН се запознаени дека има проблем со сето она што се вика набавка и на дотур на вода, а сите останати кои се надлежни за оваа проблематика во рамки на МВР да останат без никакви коментари, вели Делчев.

Во однос на наградите кои ги побара МВР за полицијата, тој рече дека такво нешто Синдикатот побарал јавно уште пред еден месец и од министерот и од Владата, со барање тие да определат износ.

– За НСП ова е класична политичка игра, односно политичка борба. Полицајците во рамките на МВР сето ова го гледаат иронично, гледаат дека некој сака да направи некаков политички поен во предизборието. Итно и веднаш да седнат и министерот и техничкиот премиер оваа работа да ја надминат. Сите знаеме што се случуваше минатите три/четири месеци, знаеме дека е огромен бројот на вработени во полицијата кои изминатиот период бидејќи имаа директни контакти со заразени од Ковид-19 беа позитивни, беа во самоизолација, беа на разни боледувања и се практично се уште дел од истите без завршен третман односно се очекува нивна конечна разврска. Овој паричен износ според мене најбрзо што може мора тоа да се реши и со плата во јуни што ќе биде префрлена ако е можно, а е многу релативно брзо можно таа работа да се реши, рече Делчев.