Јагода Шахпаска, коносител на кандидатската листа на пратеници од Коалицијата “Можеме” предводена од СДСМ, во вечерашното предизборно соочување на телевизија Телма му реплицираше на Игор Јанушев дека Источна Македонија доживува градежна експанзија како никогаш досега и дека ваквиот тренд ќе продолжи и понатаму, а како посебен пример ја истакна Малешевијата од каде што потекнува.

“Што е реалност ќе кажат граѓаните, ние градиме отчетно и чесно без провизии како што вие договаравте изградба на кинеските автопати, затоа ги заглавивте сите проекти. Треба ли да ве потсетам на патот Кичево- Охрид и вашите проекции за тој автопат. 70 милиони евра за проектот “Македонија без кал” ќе бидат распоредени за сите општини преку Министерството за транспорт и врски за да продолжи и понатаму градежната експанзија.

Само во општина Берово се изградени 42 км регионални патишта во периодот откако дојдовме на власт. Во 30 години откако живеам во Берово како снаа, една лопата асфалт не беше ставена. Исто таква, патна инфраструктура има и во соседната општина Виница. Виница се поврзува преку Бигла со локален пат. Има поврзување спрема Струмица, поврзување со граничниот премиин Клепало, Делчево е поврзано со патна инфраструктура кон Македонска Каменица, отстранети се свлечиштата низ државата и свлечиштето помеѓу Кратово и Пробиштип.

Општина Пехчево од овој проект, од 70 милиони евра што ќе ги добие целата држава како кредит, ќе добие 600 илјади евра за изградба на улиците. Општина Берово добива 800 илјади евра за изградба на локални патишта, улици низ градот со цел да го олесни животот на граѓаните и пристапот кон соседните општини и кон населените места. Источна Македонија никогаш не се градела толку” – истакна Шахпаска.