Во објавата на „Фејсбук“ од 22.01.2020 година претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагирајќи на обраќањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев од 20.01.2020 година, според кој „сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да заговара опасни идеи за укинување или поништување на Договорот од Преспа“, ја спинува вистината и вели:
Спин: СДСМ има спот во кој се вели „пазете да не се врати ВМРО-ДПМНЕ пред 25 години!!!”Да бидам прецизен, пред 25 години СДСМ беше на власт, тоа е времето на Радмила Шекеринска, залетот на кланот Заеви во Струмица, првиот криминален занает на многумина кои сега се во врвот на партијата.Пред 25 години СДСМ беше на власт и цветаше корупцијата, Радмила беше главна во младината на партијата, шверцот на цигари, првите рекетирања кои денес се усовршени, атентатот на Глигоров, протести, загубари, фабрики кои се затвораат, инфлација, сиромаштија. Тоа е времето на пропаста на Славија, Центро, Железара, на грабежот и пропаста на ТАТ. Семејството Заеви од просечно земјоделско семејство го започна картелот кој денес вреди милиони. Тоа беше нивното време пред 25 години.Но, и сега не е поинаку. Истите криминални ликови се провлекуваат и денес. И затоа на овие избори мора да се поразат последните остатоци на транзицијата во македонската политика. 12 април е денот кога ова може да се порази.
[Извор:Фејсбук профил на Христијан Мицкоски, датум: 22.01.2020]
Контраспин: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реплицирајќи му на својот политички опонент, доскорешениот премиер, социјалдемократот Зоран Заев, ги искривува тезите, намерно го изместува временскиот контекст и ја манипулира јавноста. Мицкоски ја извртува изјавата на Заев и фокусот го става на тоа дека „пред 25 години на власт беше СДСМ.“ Но, Заев не говори за тоа кој бил на власт пред 25 години, туку зборува за штетата која би ја претрпеле како држава доколку се поништи Преспанскиот договор – како што се залага партијата на Мицкоски:
Дали ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се навистина свесни што ќе се случи ако се укине, поништи или измени Преспанскиот договор за кој се водеа преговори повеќе од 20 години, од Привремената спогодба во 1995 до 2018 година?
Укинувањето на Договорот од Преспа би не вратило најмалку 25 години наназад, и би го вратило ПЈРМ односно FYROM, име со кое бевме именувани на меѓународен план, на сметка на уставното име. Тоа ќе значи автоматско укинување на нашето членство во НАТО, губење на ЕУ перспективата, изгубени милијарди евра странски инвестиции и уништување на иднината на нови генерации. Без Договорот од Преспа со сигурност ќе ослабе, а можеби и ќе исчезне поддршката од нашитe стратешки партнери, а неизбежно ќе биде и влошување на политичките и економските односи со Грција, нови блокади од Грција, нова внатрешна нестабилност и ризици за конфликти по најразлични основи, како и зголемување на нестабилноста во регионот…Укинувањето на Преспанскиот договор нема да биде „враќање чекор назад“, како што сугерира Мицкоски, туку враќање најмалку 25 години наназад, во старите конфликти, поделби, етнички тензии, сиромаштија и меѓународна изолација.
Искажувајќи го овој став Заев јавно го повика раководството на ВМРО-ДПМНЕ „да престанат со опасните и манипулативни тези за укинување, поништување или менување на Преспанскиот договор со кои се доведува под прашање нашето полноправно членство во НАТО и внатрешната и регионална безбедност.“
Е сега, во ова обраќање на Заев, Мицкоски не ги слуша предупредувањата за последиците од евентуалното укинување на Преспанскиот договор, туку „се фаќа“ за тоа дека пред 25 години власта била кај социјалдемократите, па потоа прави манипулативна конструкција дека:
Тоа е времето на Радмила Шекеринска, залетот на кланот Заеви во Струмица, првиот криминален занает на многумина кои сега се во врвот на партијата…
Што претставува класичен спин. Да, станува збор за време на владеењето на СДСМ и партијата го има багажот од транзицискиот период. Ама во тој период – 1995 година, ниту Заев ниту Шекеринска не биле во структурите на номенклатурата на социјалдемократите, односно распоредени на функции од кои би влијаеле на односите и случувањата во државата. Тоа може да се провери во нивните биографии, а го знаат и оние кои паметат малку подолго и ги следеле настаните од тоа време.
Во биографијата на Заев, може да се види дека тој во 1995 година имал 21 година, воопшто и не бил дел од СДСМ, туку ѝ се приклучил на партијата во 1996 година. Тој во 1997 година дипломирал на Економскиот факултет на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и веднаш почнал да работи во семејната фирма „Тргопродукт“. Пробивот во политиката го прави во 2003 година кога станува пратеник во Собранието, а во 2005 година го добива првиот градоначалнички мандат во Струмица. Партиска функција пак, добива во 2006 година кога е избран за потпретседател на Централниот комитет на СДСМ. Во 2008 година стана в.д. претседател на СДСМ, а од 2013 година е лидер на СДСМ. На премиерската функција дојде по парламентарните избори кои се одржаа во декември 2016 година, откако по многу перипетии околу предавањето на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ (април 2017 се случи крвавиот четврток), на 31 мај 2017 година беше избран за премиер. На оваа функција остана до 3 јануари 2020 година, кога како технички премиер беше избран Оливер Спасовски.
Шекеринска, пак, навистина е во СДСМ долги години, но во периодот за кој зборува Мицкоски таа не била на партиски или државни функции од каде што би можела да ги злоупотреби механизмите на власт за влегување во некакви коруптивни скандали.
Таа е родена 1972 година има дипломирано на Електротехничкиот факултет во Скопје во 1995. Во текот на 1996 година работи како асистент за односи со јавност во Институтот Отворено општество Македонија. Од 1997 до 2002 работи како асистент на Електротехничкиот факултет.
Првата јавна функција ја добива во 1996 година, тогаш станува член на Советот на Град Скопје, каде е до 1998 година кога за првпат е избрана за пратеник во Собранието. Шекеринска, инаку, беше избрана за пратеник во четири мандати (1998-2002, 2006-2008, 2008-2011 и 2011-2014) кога СДСМ беше опозиција.
Во извршната власт влегува во 2002 и до 2006 година е заменик-претседател на Владата задолжена за европски интеграции и координација на странската помош. По смената на власта во 2017 година, на 31 мај е избрана за министер за одбрана.
Што се однесува до партиската кариера, таа во 1995 станува член на претседателството на ЦО на СДСМ и во следните две години – до 1997 е претседател на Социјалдемократската младина, а во 1999 година е избрана за потпретседател на ЦО на СДСМ и за меѓународен секретар на партијата. Во периодот 1997-98 година е и портпарол на СДСМ. Подоцна е избрана за потпретседател на партијата, а на 5 ноември 2006 година станува нејзин претседател. На лидерската функција е до 2008 година кога си поднесува оставка поради поразот на парламентарните избори.
Сето ова, несомнено, му е познато на Мицкоски, но веројатно повеќе му одговара да ги извртува фактите, да манипулира со вистината и да обвинува дека:
Радмила беше главна во младината на партијата, шверцот на цигари, првите рекетирања кои денес се усовршени, атентатот на Глигоров, протести, загубари, фабрики кои се затвораат, инфлација, сиромаштија. Тоа е времето на пропаста на Славија, Центро, Железара, на грабежот и пропаста на ТАТ. Семејството Заеви од просечно земјоделско семејство го започна картелот кој денес вреди милиони. Тоа беше нивното време пред 25 години.
И, за разлика од ваквите обвинувања на сметка на Заев и Шекеринска поврзани со транзицискиот период, Мицкоски не кажува ниту збор за воениот конфликт, кој се случи во 2001 година за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, тој не спомнува ништо за скандалот со прислушувањето, аферите со криминал и корупција од 2006 до 2016 година, кога на чело на Владата и на неговата ВМРО-ДПМНЕ беше Никола Груевски. Впрочем, тој во овие две години како што е лидер на ВМРО-ДПМНЕ не се огради од постапките и владеењето на Груевски.
И сосема на крај, Мицкоски сега пред избори сѐ почесто се удира во гради дека ќе го укине/поништи Преспанскиот договор, но не открива како ќе поништи меѓународен договор, кои би биле последиците и која е „волшебната“ формула за иднината на државата.
Извор: Вистиномер