Борбата со коронавирусот не е завршена. Олабавувањето на мерките не значи дека вирусот исчезнал, тој е тука и мораме да живееме со него, изјави на денешната прес-конференција Јагода Шахпаска, кандидатката за пратеничка на СДСМ од ИЕ 3.

„Ја добивме првата битка, успешно го аморитизиравме првиот удар на епидемијата, без да се оптоварат капацитетите на здравствениот систем.

Важно е секој од нас, целосно да ги почитува мерките за заштита. Само на тој начин ќе го заштитиме нашето здравје и здравјето на нашите најблиски. Само на тој начин ќе им помогнеме на здравствените работници кои со месеци се на првата линија на фронтот.

Хероите, во ова тешко време, вработените во здравството кои се во првите борбени редови во битката со коронавирусот ќе добијат награда од 20% од основната плата за 2 месеци.

За трудот и пожртвуваноста наградени ќе бидат сите здравствени работници и соработници вклучени во работата со пациентите заболени од коронавирусот – доктори, медицински сестри, но и болничари, транспортери, возачите во службата за итна медицинска помош во сите Јавни здравствени установи, институтите каде се правеа испитувањата.

Силната мотивација на здравствените работници, кои беспоштедно се борат со коронавирусот се должи на сериозните вложувања во човечкиот капитал од страна на Владата предводена од СДСМ во изминатите 2,5 години. Влогот во здравствените работници е влог во нашето јавно здравје.

Во периодот од септември 2018 до февруари 2020 година, во 4 наврати е зголемена платата во здравството, основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40%, на медицинските сестри до 23%, на општите лекари за 25%, а на останатите здравствени соработници за 15%“, истакна Шахпаска.

„Вкупната сума на пари вложени во платите на здравствените работници, помошно техничкиот персонал и администрацијата во здравството за 2,5 години изнесува 2 милијарди денари.

Вакво зголемување на платите на здравствените работници немало никогаш досега. Некаде лекарите специјалисти во болниците и клиниките земаат помеѓу 85 и 170 илјади денари со сите додатоци.

Платата на медицинските сестри на клиники се движи до 50 илјади денари.

Создадовме услови здравствените работници својата иднина и кариера да ја гледаат во нашето јавно здравство.

Но војната со невидливиот непријател продолжува и од нас зависи колку таа ќе трае каков ќе биде исходот. Мора да ги почитуваме препораките на здравствените власти, за носење на заштитните маски, марами, шалови, држење на физичката дистанца, редовната дезинфекција и миење на рацете.

Само ако сите доследно ги почитуваме мерките, ќе се заштитиме себе и своите најблиски, и јавното здравје, но и ќе им помогнеме на здравствените работници, кои посветено и пожртвувано ја работат својата благородна професија“, посочи Шахпаска.