Процесот на лустрација (и законот за неа) е во основа една антиуставна и антихумана „бљувотина” која имаше отворени, но и скриени апокалиптички амбиции и цели. Отворените амбиции, намери, интереси и цели се видливи во безочната пресметка со политичките неистомисленици на груевистичкото ВМРО ДПМНЕ, нивно отстранување од политичката сцена и обезбедување пат за мирно, непречено фашистичко владеење со земјата која, според некаква и нечија налудничава амбиција,  требаше да се претвори во „приватно фамилијарно кнежевство”. Меѓутоа, скриени амбиции, намери, интереси и цели беа да се разбие и разнебити безбедносниот систем на републиката, прво оној полицискиот, а потоа истото да се случи и со армиските структури.

Според тоа, законот за лустрација не беше наивно замислено откривање во јавноста на  оние што ги „прогонувале прадедото и дедото на Илија Димовски”, туку, со неуставни и мизантропски дејанија, безбедносно да се обезглави земјата и да се создаде простор за реализација на замислата за нејзино насочување и приклучување кон иницираните ЕвроАзиски интеграции (толку мили на поранешниот претседател на РМ, Ѓорѓе Иванов).

Лустрацијата, всушност, по сè изгледа, требаше да биде дел од мерките и потезите на режимот на Никола Груевски со кои би се реализирал еден налудничав фашистички проект за НОВА МАКЕДОНСКА НАЦИЈА (Хитлерова концепција која ги доведе Хитлеровите трупи дури до Сталинград). Овој проект е во својата суштина и основа ирационален и пеколен зашто претполага длабоко засекување во природата на националниот идентитет, иако со однапред предвидлив пораз и неуспех. Можното сценарио за ваков проект, според логиката на опскурниот ум на творците, можело да се реализира преку неколку операции во македонското општество. Прво со антиквизацијата да се искорени секакво споменување на словенските корени; потоа, со лустрацијата да се замолчат и отстранат од социјалната и историската сцена сите оние кои, според проценките на послушниците од „штабот” на „вождот”, би биле пречка и противници на проектот за новата нација. Требаше да се промени целата историска приказна. Сите луѓе со успешна животна сторија и со успешни кариери, слободоумници и демократи, не можат да бидат подобни за „новиот поредок”, заради тоа тие треба да се „посрамотат” во јавноста (со лустрација), а најтврдокорните да се „сместат” во фудбалските стадиони (Пиночеова практика) низ македонската држава (ако успееше државниот удар на 27 април). Исто така, според планерите, мора да се создаде нова класно-социјална структура на чиј кров се „нашите” (бизнисмени, културно-уметнички дејци, шефови на безбедносните области и се` така до најниските слоеви). Како расадник за умови-лидери на таквата голема „преобразба” беше замислен и инициран новиот универзитет „Даме Груев” кој требаше да го истисне УКИМ (Скопскиот Универзитет) зашто тој бил творба и легло на „комуњарите”. И врвот на апсурдот – и покрај фундаменталната вистина, сепак според извитоперената логика и бизарната волја на планерите и на инквизиторите, Славко Јаневски не смее и не може да биде основоположник на македонскиот роман, тоа мора да биде некој друг, „наш”. Името на Славко Јаневски треба по секоја цена да се извалка, па макар и кога е мртов. Трагикомиката на апсурдот се комплетира со една саркастична приказна што се прераскажува во јавноста. Наводно, Комисијата за лустрација на чело со Томе Аџиев (наследник на Ќосето, инквизитор и верен извршител, слуга на замислите на поранешниот македонски фашистички лидер, криминалец и бегалец од македонската правда во Будимпешта) добила дојава од Небесата. Со неа, велат, писателот Славко Јаневски го замолил Томе Аџиев (и дружината му) лично да му го однесе решението за лустрација како би можел починатиот писател да го обжали кај „хуманите и етичните“ судии во Управниот суд. А на Небесата „нашето Ќосе” ќе го пречекаат и други негови „клиенти” кои се таму делумно и по негова заслуга. За жал деновиве на другиот свет се пресели и душата на судијата Драган Билески, чија нарачана лустрација од страна на пратенилот Антонио Милошоски ја слушавме во „бомбите“, но сеуште нема судска разрешница. Препорачливо е, до колку „нашето Ќосе” се одлучи на средба со Славко Јаневски, со себе да ги понесе и досиејата на поранешните припадници на дамнешните ОЗНА и УДБА, бидејќи мнозинството од нив, по природата на нештата, се таму, па може да ги интервјуира за нивниот ангажман во некогашните безбедносни служби. Тој нив залудно ги бара на овој свет. Тие едноставно останале во подалечната историја. Ги нема и нивните потомци во безбедносните служби, ги нема нити во „оние кои граделе кариера под политичко менторство” (такви бројни случаи имаше во времето на фашистичката диктатура, се` дури до универзитетските звања).

„Замрачените” умови на лустраторите не можеле да видат дека во безбедносните служби на современата македонска држава одамна вработувањето е  преку јавен конкурс врз основа на закон и Устав. Вработените работат за плата, како и останатиот нормален свет. Злоупотребата на функцијата во службите се третира како  мафијаштво и е казнива со закон (што не беше вообичаена практика во време на фашистичката диктатура). Најголемиот број од вработените се дипломци од ДРЖАВНИОТ Факултет за безбедност. Легитимно и легално. А, сепак, на чуден начин, на листата на лустрираните се најмногу токму овие луѓе кои, овластени од државата, уставот и законот се грижеле за специфичниот аспект на безбедноста на македонската држава. Впрочем, Томе Аџиев би требало ова добро да го знае бидејќи се дружеше со луѓето од Битолската СДБ, а и често претстојуваше во службените простории на службата. Но, злото на желбата да се гази врз човечкото достоинство е посилно од состојбата на нормалната психа, ваквото зло произлегува од несаканите и неконтролирани пориви на завист, злоба, омраза, одмазда, комплекси и фрустрации на личностите.

Злосторничкото дејствување се одвиваше според уходана шема. Прво, тоа го аминува „неуставниот, вмровскиот“ Уставен суд на Pепублика Македонија; потоа креатурите во Комисијата за лустрација (задоволени со дебел паушал) ги селектираат „виновниците” и, по претходна усогласеност со врхушката на режимот, ги објавуваат злосторничките одлуки за „спалување“ на „грешниците“; па медиумите со новинари-послушници го филуваат тоа пред јавноста; а на крајот како штит стојат „сваровски судиите“ од Управниот суд кои  имаат јасна наредба безрезервно да санкционираат се што доаѓа од кујната на злобната дружина на Томе Аџиев, (Ќосето на нашето време). Фактите не беа битни, волјата на „лажниот цар Шќепан Мали – Грујо“ мораше да биде извршена. „Стрељатца“, „Безмилосно мрази и уништувај“ (се` што не е НАШЕ) беше геслото на груевистичките вандали.

Законот за лустрација полека паѓа во заборав, како несериозна и монструозна творба, како комплетно промашен проект на идеолозите на стравот, ужасот, злосторството (читај Груевизмот). Но, сепак, тој горко живурка во социумот, прво, преку последиците што од него ги чувствуваат загрозените граѓани и нивните семејства, но и, второ, како срамно, недозреано, детинесто, полуписмено четиво во аналите на македонската правна историја кое служело за задоволување на ексклузивно зли потреби на еден мрачен автократски режим во дел од цивилизираната Европа.

Заради антиуставната и антихуманистичка суштина и последици, со него и со неговите креатори и слепи извршители би требало да се позанимава обвинителството, со цел да се санкционира злосторничкото здружување и монструозните дејанија на една одродена и отчовечена булумента луѓе во македонското општество.

Ѓорѓи Тоновски