Нови 28 милиони денари за Крива Паланка во Програмата за рамномерен регионален развој 2022 усвои денеска Совет за регионален рамномерен развој.

Веста ја соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Како што соопшти тој, од 28-те милиони денари, 13 милиони ќе бидат наменети за проектот „Создавање на услови за рурален развој во село Кркља преку изградба на локална патна инфраструктура“, со кој ќе се асфалтира пат од близу 1.500 метри, и со кој, како што рече, на населението во село Кркља ќе им овозможи користење на расположливото обработливо земјоделско земјиште, како и создавање на предуслови за рурален развој кој е една од можностите з подобрување на условите за локален економски развој на село Кркља како и во општина Крива Паланка.

-Со реализација на проектот ќе се создадат услови за отварање на мали трговски фирми со што ќе се зголеми процентот на вработеност на локално ниво, а со тоа ќе се подобрат и условите за економски развој на општината, порача министерот Николовски.

Село Кркља се наоѓа на левата страна по течението на Крива Река, на оддалеченост од 8 километри од градот Крива Паланка, во источен правец.