Општина Битола почна со реконструкција на улица „Партизанска“ во Нова Битола, делница долга 730 метри.

Станува збор за инвестиција вредна 581.000 евра, а од нив 355.000 евра се од буџетот на Општина Битола, изјави градоначалничката Наташа Петровска.

-Со средства во овој инвестициски зафат учествува Министерството за транспорт и врски, а со работни активности од своја надлежност ќе учествуваат локалните јавни претпријатија. Овој дел од улицата беше во очајна состојба, со оштетен коловоз за што имаше оправдани реакции од граѓаните, а со санацијата ќе има целосно нова слика и квалитет, како на коловозот така и на подземната инсталација, истакна Петровска.

Општина Битола во моментов во релизирација се повеќе градежни проекти и максимално се користи градежната сезона, информираа од локалната самоуправа.

-И покрај сите наследени долгови кои што ги отплатуваме, ние сепак имаме стабилен буџет, а тоа пак овозможува нашите проекции да продолжат со предвидената динамика, нагласи градоначалничката Наташа Петровска.