Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, на својот Фејсбук профил сподели информација дека во Делчево е пуштен во употреба пешачкиот мост на реката Брегалница.
“Ние одлучивме да градиме мостови, за да поврзуваме, да го олеснуваме пристапот, да рушиме препреки и затоа денеска сум посебно горд, бидејќи со поддршка на пријателите на Делчево, успеавме да оствариме децениска желба на делчевци.
Денес, мостот е реалност благодарение на поддршката од Министерството за локална самоуправа на Р.С. Македонија и Бирото за регионален развој, преку Центарот за развој на ИПР, а по Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година и со домаќинско кроење на општинскиот буџет.
Вредноста на мостот е 8,2 милиони денари. Околу 60 отсто од вредноста е обезбедена со средства од проектот за развој на Источно-планскиот развоен регион, преку Бирото за регионален развој, а останатите 40 проценти се обезбедени со кофинансирање од Општина Делчево” – напиша Трајковски.


Министерот Горан Милевски рече дека реализацијата на овој проект е пример кој треба да го следат и останатите општини за да ги урбанизираат своите места и со тоа жителите да имаат поквалитетен живот.
“Министерство за локална самоуправа и понатаму ќе се грижи за општините, а преку нив и за граѓаните преку своите програми. Изградбата на пешачкиот мост со години беше ставан како приоритет на граѓаните на форумските сесии, така што сега е реалност. Овој мост во Делчево го поврзува стариот со новиот дел на градот, но претставува и украс на градот и е дел од туристичкиот пакет на Делчево. Со оглед на ситуацијата и пандемијата во нашата држава, оваа година ги поканувам сите граѓани да го посетат ова источно гратче и да уживаат во убавините” – рече Милевски.
Директорката на Центарот за развој на ИПР Драгица Здравева се заблагодари на успешно завршената работа за овој значаен линиски објект за Делчево.
“Изразувам задоволство што и изведувачот на работите компанијата „Жикол“, со вклучување на стручните луѓе од Центар и од Општина Делчево, се почитуваа сите градежни просписи и очекувам во иднина со дополнителни проекти да помогнеме во развојот на Општина Делчево” – рече Здравева.
Со ставањето во функција на мостот, ќе се зголеми безбедноста на пешаците и ќе им бидат значително поблиску повеќе институции, како детската градинка, ООУ „Ванчо Прке“, Општина Делчево, градскиот пазар и сите фабрики кои се наоѓаат во индустрискиот дел во градот. Изградбата на мостот има и дополнителна вредност, бидејќи Општина Делчево има дополнителни инвестиции за изградба на пристапни рампи и пристапна улица со која се поврзуваат локалните институции, а неговата изградба е во рамките на проектот „Збогатување на туристичката понуда“.
Настанот се организираше со почитување на мерките за заштита и превенција од заразата ковид 19.



ФБ статус на Горан Трајковски, градоначалник на Делчево








































