Редовното неделно интервју на РСЕ беше со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Покрај другото, Мицкоски одговара и на прашањето дали ако неговата партија победи на изборите ќе биде премиер на Република Северна Македонија: „Државата има ново име, реалноста не може да се игнорира, но ќе се бориме да ја промениме“, а Снежана Маџирова на ФБ како да му реплицира: „Која реалност, бре, не играј си уште со народот“. Горан Волкановски се чуди во врска со зборовите на Мицкоски дека реалноста не можела да се игнорира: „Ем не можеле да ја променат реалноста, ем ќе се бореле да ја променат!?“ Фарук Бесими го прашува зошто зема плата како професор од држава чие име не му одговара, а Трајче Николовски постирал: „Како што го промени Мицотакис Преспанскиот договор така и ти ќе го промениш. Само сакаш да седнеш на столчето“. Слободанка Камчева поставува неколку прашања: „Што ќе преземе за демократско функционирање на институциите и како ќе го направи тоа. Зошто во претходното владеење не направиле ништо?“

Во врска со ветувањето на Мицкоски на партискиот собир во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје дека неговата партија ќе вложела милијарда евра за подобра животна средина, речиси сите коментари на нашата ФБ страница потсетуваат на „милијардата на Тупурко“ и се со доза на неверување и потсмев. Дарко Стојчески постирал: „Од Тајван парите пак ќе дошле…“ Марјан Виолета Јованоски со потсетување на едни други пари и друга случка: „Ако ти испрати Грујо од 5-те милијарди во шише“. Дека граѓаните паметат докажува и постот на Албјон Боцку: „Го излажал некој Субрата Рој дека ќе инвестира милијарди во МК, хахаха…“