Хуманоста и на некој да му се подаде рака, кога му е најтешко се водилки за волонтерите на Црвениот Крст, кои во изминатите десет месеци во време на пандемија се постојано на терен. Облечени во скафандери и заштитна опрема доставуваат пакети за социјално ранливите категории, слепите, инвалидизираните лица, но и на болните од Ковид 19, на кои им требаше достава на намирници, во времето кое го поминаа во изолација.
Деветнаесет годишната Александра Рогажарска повеќе од една година е волонтер на Општинската oрганизација на Црвен Крст-Штип. Оваа млада, но храбра девојка е дел од тимовите за делење на пакети, но и за логистичка поддршка на граѓаните, кои не можат да ги напуштат своите домови, поради заразата со коронавирусот или пак се со решенија за изолација.
-Избрав да бидам волонтер, бидејќи тоа ме исполнува. Насмевката кога ќе ја видат на нечие лице дека сум причина за тоа, едноставно ме исполнува, вели Рогожарска.
Младата студентка на психологија на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ вели дека во изминатите десет месеци имале секакви ситуации на терен. Забележува дека е ризична работата на волонтерите, но ризикот се избегнува доколку се почитуваат сите протоколи при доставувањето на хуманитарните пакети или доствата на намирниците на граѓаните.
-Овде имаме заштитна опрема, маска, ракавици, дезинфекциони средства. Никогаш не сме оставени без ништо да одиме на терен. Секако овде е и самата служба на Црвен Крст-Штип, вели Рогожарска.
Прашана дали младите знаат што е волонтерство, Рогожарска со став дека кај младите има скептицизам за волонтерството, бидејќи не секој може да се снајде како волонтер.
-Но се разбира тука сме сите да им помогнеме, да им објасниме дека тоа е нешто убаво, интересно, бидејќи не е само помошта, како помош што ја пружиме, туку овде спаѓа и дружењето меѓу волонтерите и се разбира имаме доста млади, кои се заинтересирани за волонтирање. Изминатите десет месеци на терен сме оние коишто сме над 18 години, поради ризикот. Изминатите десет месеци сме спречени да се дружиме со помладите волонтери од 18 години, но гледаме да останеме во контакт, онлајн, рече Рогожарска.
Посочува дека волонтирањето во Црвен Крст и помага да учи и повеќе и да си го организира времето.
-Многу често се среќавам со несакани ситуации, се разбира во секоја работа тоа е нормално, бидејќи сум студент на психологија и волонтерството ми помага подобро да го разберам материјалот, додаде Рогожарска.
Посочи дека секое зајакнување на волонтерските тимови со нови членови е потребно, бидејќи секоја помош е плус за Општинската организација на Црвен Крст.
-Ги поканувам сите кои имаат повеќе од 18 години да дојдат, да волонтираат со нас, бидејќи нема ништо поубаво од тоа да донесеш насмевка на нечие лице, порача Рогажарска.
МИА во Општинската Организација на Црвен Крст ги затекна токму Александра и Снежана Стефанова, кои тој ден волонтираа и со возило ги доставуваа хуманитарните пакети до социјално ранливите категории на граѓани во општините Штип и Карбинци.
Снежана има 51 година, а во тимот на Црвениот Крст се приклучила пред неколку дена.
-Волонтирајќи сакам да бидам хумана и многу е жално што има толку многу луѓе, на коишто им треба помош. За да бидам волонтер ме мотивираше самата мака на луѓето, коишто не се во можност да бидат самостојни, вели Стефанова.
Посочува дека изминатите денови додека била на терен и посетила неколку семејства констатирала дека на луѓето им треба и убав збор, но и помош. Порачува дека никогаш не е доцна да се стане волонтер на Црвен Крст.
Пандемијата го реорганизираше работењето на штипскиот Црвен Крст
Осумнаесет волонтери на штипскиот Црвен Крст секојдневно се на терен, а во просек месечно се диструбуираат по 195 пакети, хуманитарна помош. Секреаторот на ОО Црвен Крст-Штип, Викторија Милановска вели дека 2020 ја заокружиле и со 25 организирани крводарителски акции.
-Имаме пет помалку од 2019 година, но по масовност и одѕив, далеку поуспешни во 2020 година. Тоа ни докажа дека свеста на граѓаните е уште повисока за време на светскава пандемија и покрај стравот од недоволно познатиот вирус, вели Милановска.
Смета дека она што за Црвен крст Штип претставуваше предизвик уште во првите денови од прогласената вонредна состојба е токму реорганизацијата во делот на функционирањето на терен.
– Мобилните тимови за време на изминативе 10 месеци беа на висина на задачата. Имаме 20-тина семејства во Штип кои биквално се потпираат на услугите на овој бесплатен логистички сервис за набавка на лекови, хронична терапија, пазарување и шалтерски услуги, вели Милановска,
Во оваа категорија на корисници доминираат слепите лица, стари и изнемоштени и луѓе кои живеат сами во рамки на едно домаќинство. Годишниот просек, сметајќи од почетокот на здравствената криза покажува услужување на 48 корисници на месечно ниво, од страна на Мобилните тимови.
-Можам да кажам дека со ваквиот принцип на работа, којшто е малку обемен од процедурален аспект, многу се зацврсти довербата меѓу оваа институција, којашто можеме да кажеме дека моментално на локално ниво се реформира во од. Затоа што самите услови го налагаат тоа. Во една вонредна состојба нашите волонтери се на терен во последните две недели по шест дена во неделата, а беа и по седум дена. Затоа што имавме дежурни тимови, особено за време на полициските часови, вели Милановска.
Таа исткана дека воведена е и телефонска линија за психолошка поддршка, а на телефонот се јавуваат голем број на граѓани.