Владата е подготвена секогаш за реалоцирање буџетски средства, кога се работи за помагање на граѓаните од егзистенционална природа, рече премиерот Зоран Заев, додавајќи дека голем дел од овие средства се враќаат во буџетот.

Заев одговараше на пратеничко прашање на Зоран Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ, кој побара одговор дали има неоткупено грозје и колку вино остана во визбите поради пандемијата.

-И оваа година ќе ја дочекаме спремни на нозе. Ќе направиме се што треба да направиме. Милијарда и 300 милиони евра се пуштени кај граѓаните, посебно кон лозаро-производителите, производителите на тутун, бидејќи најголем дел живеат од тоа. Подготвени сме, ќе видите во новиот ребаланс на Буџетот, повторно имаме проекции за помагање, најави премиерот Заев.

Ковид-кризата, како што кажа, е секојдневие, изразувајќи задоволство од малите бројки на заболени, потенцирајќи дека тоа може да има рефлексија врз економијата во однос на отворањето на потрошувачките капацитети, вклучително и за овие две значајни гранки – лозарството, но и за тутунот.

Според Заев, 45 отсто од сумата што ја добија лозарите биле од откупувачите, а 55 отсто од Владата, што никогаш не било така, а причините, како што потсети, се поради корона-кризата. Пандемијата ги намали пласманите на винското грозје и виното. Државата, рече тој, им помогна на лозарите со субвенции за да се откупи и последното зрно грозје.

Заев ги отфрли тврдењата на опозицијата дека откупот на грозјето било измама, велејќи дека Владата била решена да го откупи целото грозје и да го плати бидејќи граѓаните живеат од тоа.

Премиерот рече дека оваа година има најголем извоз на винско грозје, посебно наливното вино, што, според Заев, е резултат на владината мерка.

-Досегашните податоци покажуваат дека дале резултат и дека се празнат визбите, рече тој, сепак додавајќи дека пресекот се прави во јуни.

На седницата претходно беа разгледувани прашањата што по писмен пат биле доставени до министрите.

Седницата продолжува во 15 часот, а на прашања на пратеникот треба да одговараат министерот за финасии Фатмир Бесими и за животна средина Насер Нуредини.