Дождот го исчисти воздухот. ПМ честичките се под дефинираниот праг од 175 мг/м3. Укинати се бесплатниот јавен превоз , поскапениот паркинг и ослободувањето од работа. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов апелира да се променат некои навики кај граѓаните доколку се сака да се добие битката со загадувањето.

И додека се чека дождот или ветрот да го подобри квалитетот на воздухот, Владата преку законско решение ќе ги обврзе општините да изготват акциски планови со сет од мерки против загадувањето.Подршка има од сите пратеници. Со законот за амбиенталниот воздух секоја општина која има над 35 000 жители мора да ги стави на располагање сите ресурси и да прецизира краткорочни и среднорочни мерки за аерозагадувањето и заштита на чувствителните групи население, вклучувајќи ги и децата. Спроведувањето на плановите ќе биде под ингеренции на Државниот комунален инспекторат .