Собранието во продолжението на 130-та седница со 62 гласа „за“ го донесе Законот за управување со отпад по скратена постапка.
Со Законот за управување со отпад се забранува увоз на отпад што се користи како извор на енергија.
Предлагачи на Законот беа пратеничките на ДОМ Маја Морачанин и Лилјана Поповска.
-Со предложените законски решенија во Предлог на законот за изменување на Законот за управување со отпадот ќе се постигне поголема заштита на животната средина и пред сè на здравјето на луѓето и ќе се укине можноста за увоз на отпад кој со одредбата во постојниот закон се користи како извор на енергија, се вели во образложението на пратеничките Морачанин и Поповска.
Со новиот Закон и натаму се забранува увоз на отпад за складирање заради отстранување, и увоз на опасен отпад што е измешан со неопасен отпад или со други компоненти кои ја намалуваат штетноста и опасните карактеристики на отпадот.
Останува дозволен увоз на отпад што може безбедно да се преработи, без опасност од загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето, како и да се користи како суровина.
Претходно, во рамки на 131-та седница, пратениците ги усвоија и предлог-заклучоците за енормното загадување на амбиенталниот воздух во Северна Македонија и го изгласаа Законот за енергетска ефикасност.
Во рамки на оваа седница беа усвоени Законот за ратификација на Амандманот кон Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, како и Законот за ратификација на Минамата Конвенција за жива.
На 131-та седница беше усвоен Финансискиот план на Агенцијата за супервизија и капитално финансирано пензиско осигурување, како и на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2020 година.