ВМРО-ДПМНЕ во суштина прифати се од Преспанскиот договор, но им требаше виновник кога се гласаа уставните измени, па „осумката“ некако им дојде добро алиби за да се задскријат себе во тој процес. Излезе на површина тоа што јас цело време го кажувам и укажувам кон членството кое што не заслужува неискреност и дволични политики од страна на раководството во партијата, вели во интервју за „Ден“ пратеничката од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Емилија Александрова.
Ден: Оние кои ве критикуваа за уставните измени и ве исклучија од партијата, сега преку техничките министри ја користат придавката „Северна“ во името. Како гледате на целата таа ситуација?
Александрова: Ова е само уште еден доказ, и во моите претходни интервјуа, лични ставови и изјави, на прес конференција побарав оставка од Христијан Мицкоски во таа насока, дека се неискрени. Дека тие во суштина прифатиле се, меѓутоа во моментот кога се гласаше, им требаше виновник за тоа, па „осумката“ некако им дојде добро алиби за да се задскријат себе во тој процес, за сега да излезе на површина тоа што јас цело време го кажувам и укажувам кон членството кое што не заслужува неискреност и дволични политики од страна на раководството во партијата. Значи не можеш на средби со пертставници на меѓународниот фактор да велиш дека ова е завршена работа, така требаше да биде, ние нема ништо да правиме по однос на тоа, а на партиските средби со гласачкото тело, да ги охрабруваш дека ништо не е завршено, да зборуваш сосема спротивно и притоа дирекно да ги подгрева страстите на луѓето во нешто што е нереално и нешто што може само да ја врати државата назад, а за кое нешто не сакам ни да помислам дека би можело да се случи. Иднината на нашата држава се евроатлантските интеграции.
Ние директно придонесовме со нашето гласање за тоа, а партијата колку беше искрена, се надевам дека членството ќе процени и ќе има вистински увид во тоа колку момнеталното партиско раководство е искрено кон нив самите и генерално кон државните политики. Политиката некогаш бара и државнички одлуки, не бара само политички. Државничките одлуки некогаш можат да значат и штета и на политиката и на политичката опција. Тие се ретки одлуги, меѓутоа имаат многу важна улога во текот на државата и во нејзиниот развој, така да сметам дека мојата матична партија многу погреши што не учествуваше во целиот тој процес и не покажа државотворен капацитет, односно државотворниот капацитет го наметна на друга партија, го препушти својот државотворен капацитет на друга партија, нешто кое што јас многу тешко го прифаќам, затоа што верував дека мојата партија го има тој државотворен капацитет, да делува и работи за интересите на државата, а после за политиката.