Најлесно е да кажеме дека нема да носиме ново законско решение за легализација на дивоградби, но ние сме должни да бараме решенија, со оглед дека такви објекти постојат, вели Бочварски.

Законот за легализација на дивоградби е решение за проблемите на голем број граѓани, рече министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски, во вчерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, на прашањето – зошто брзаше Владата да го усвои предлог-законското решение пред оставката на Зоран Заев и дали ова, всушност, е последниот голем проект на премиерот кој заминува.

„Ова не е последен голем проект, туку е само еден начин на решавање на големи проблеми на голем број граѓани, бидејќи таквите објекти постојат во државата. Ние тргнуваме од тој момент, дека веќе постојат такви објекти и како Влада сме должни први да бараме решенија. Најлесно ќе биде да кажеме, во ред – нема да предлагаме решенија за вклопување на овие објекти и плаќање пенали за да ги ставиме во еднаква положба со сите други. Бидејќи тие луѓе денеска ниту плаќаат данок на имот на општините, ниту нивните објекти се впишани во катастар. Со законот ги ставаме во рамноправна положба со останатите“, порача Бочварски.

На прашањето дали претходното законско решение кое помина во Собранието, но претседателот Стево Пендаровски одби да го потпишe по острите реакции во јавноста, влијаеше на рејтингот на СДСМ и на резултатите на локалните избори во урбаните средини и дали за тоа е разговарано во партијата, Бочварски порача:

„Разговаравме на многу нивоа. Сметаме дека ова ново подобрено законско решение после сите дискусии, јавни дебати, дополнителни ограничувања, со сите измени и дополнувања, отстранивме голем дел од прашањата кои тогаш беа тема на дискусии во јавноста. Мислам дека реакции од страна на граѓани и здруженија имаше, но имаше и многу реакции од многу граѓани кои чекаат ваков закон за да го решат своето правно прашање за кровот над глава. Сметам дека и претходниот закон беше многу порестриктивен од првиот во 2011 година, а во овој закон е уште позатегнато во насока на заштита на животната срединa“, порача Бочварски.