Првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13, нуди гаранција од околу 143 000 евра за да излезе од притвор од затворот во Шуто Оризари.
Гаранцијата тој ја понуди пред Апелацискиот суд Скопје, каде што во моментов се одржува јавна седница на која се разгледува жалбата на Јовановски за одлуката од првостепениот суд да остане во Шутка.
Под гаранција тој става дел од куќа на негов братучед, проценет на околу 102 000 евра и еден локал – деловен простор во сопственост на неговата мајка, Јасминка Јовановска, со вредност од околу 40 000 евра. Ова е првпат тој да понуди гаранција за да излезе од притвор.
Неговиот адвокат Сашко Дуковски, образложувајќи ја жалбата, рече дека ова што му се прави на неговиот клиент е тортура ако се има предвид дека тој е единствениот од случајот „Рекет“ кој околу седум месеци се наоѓа во притвор, додека останатите двајца, Катица Јанева и Зоран Милески-Кичеец, кој призна вина, се во домашен притвор.
Тој посочи дека не можат да подготват квалитетна одбрана додека Јовановски се наоѓа во притвор, како и дека поради здравствената состојба мора да има хигиенско-диететски режим кој не може да се спроведе во затворот во Шутка.
Обвинител од Вишото јавно обвинителство се спротивстави на барањето на Јовановски барајќи апелациските судии да го одбијат како неосновано.
Извор: 360 степени