Процесот на дигитлизација е веќе започнат и ние сме во завршна фаза од набавка на софтвер кој што треба да го имплементираме на самиот сајт на општина Штип за да можат нашите граѓани од дома да си плаќаат даноци, нагласи за време на предизборната дебата на МРТ кандидатот за градоначалник од СДСМ, Сашко Николов. Тој вели дека неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов, ветувајќи дигитализација воопшто не знае дека процесот е започнат, ниту пак колку ресурси се потребни за целосна дигитализација, а расправа продолжи околу темата за реконструкцијата на улиците.

-Господине Јорданов како да живееме во два различни града јас и вие. Веројатно сте присутен во Штип од кога ве прогласија за кандидат за градоначалник, па не видовте дека и улицата „Панче Караѓозов“ каде упорно се сликавте, е единствена улица што се реконструира од таков тип. Никогаш во историјата на Штип не е реконструирана така улица, со проекти за каналите, а сега ќе се асфалтира, по што ќе се реконструираат и тротоарите, истакна Николов.

Николов додаде дека неговиот политички соперник не е запознаен дека се вложува во хидросистемот Злетовица, од каде има 300 литри во секунда снабдување со вода, а со наредниот проект вреден пет милиони евра ќе се реконструира и главната водоводна мрежа.