Министерот Љупчо Николовски информираше дека откупот на тутунот тече во најдобар ред и дека годинава е постигната рекордно највисока откупна цена на тутунот.

„Драго ми е што со гордост можам да кажам дека откупот на тутунот тече во најдобар ред, и дека оваа година постигнуваме рекордно највисока откупна цена на тутунот, 261 денари по килограм.

Склучени се вкупно 29.653 договори за производство на тутун, што е за 7% повеќе од лани.

Зголемување имаме и на површините за тутун за 15% споредбено со лани.

Оваа година согласно договореното производство очекуваме да се откупат 25.850 тони што претставува зголемување за околу 10% во однос на реализираниот откуп минатата реколта.

Токму сите овие факти се мотив да продолжиме да се грижиме за понатамошен развој на производството на тутун, заеднички да носиме одлуки и да сведочиме на ваков успех каков што имаме денес.

Овие успеси се резултат на сите политики што ги преземавме во изминатиот период, рече Николовски.

Како што истакна тој, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за следната година има најголем буџет.

– Навреме ќе бидат исплатени сите средства кон тутунопроизводителите и обезбедени се средства за новиот начин на субвенционирање, рече Николовски.