Ја прифаќаме новата методологија за преговори за проширување на Европската унија предложена од Европската Комисија токму поради строгоста затоа што сметаме дека на строги критериуми ние ќе бидеме најдобрите и ќе се истакнеме како први. Не не плашат строги критеириуми, туку напротив сакаме фер игра која ќе биде врз основа на заслуга и врз основа на јасни и предвидливи креитериуми.
Ова го истакна вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешната седница на собранискиот Националниот совет за евроинтеграции, каде беше презентирана новата методологија.
Кредибилност, поголемо политичко управување со процесот, предвидливост и динамичност се четирите принципи на кои се базира новата методологија, а со неа земјите-членки ќе имаат поголема улога во оценувањето на напредокот на земјите кои преговараат.
Османи посочи дека со голем ентузијазам, позитивна енергија и безрезервно се посветиле сите, Владата, Собранието и сите општествени фактори со, како што рече, една цел – да ги оствариме одлуките и реформите кои се бараат и се очекуваа од нас.
– Јас сум горд што заедно направивме се што можеше да се направи во исклучително комплексни и сложени околности. Членството во НАТО е прашање на денови. Успеавме во таа насока. Останува ЕУ и земјите членки да го направат тоа што го ветија – да донесат одлука за почнување на претпристапни преговори и да ни ги отворат вратите за наше членство, рече Османи.
Потенцира дека е потребно со оптимизам да се продолжи кон реализација на нашите стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ затоа што, како што рече, тоа гарантира безбедност, просперитет, повисок животен стандард, ефикасни институции, слобода на медиумите, градење правна држава и исти можности за сите.
– На предложената Методологија гледаме како на позитивен исчекор, добра основа која им овозможува на земјите кои испорачуваат квалитетни реформи да добијат соодветна сатисфакција, но и соодветен реверзибилитет, доколку постои отсуство на волја за реформи, рече Османи. Додаде дека Методологијата можеа да се толкува од многу аспекти, но тој се осврна на, како што рече, три клучни елементи – политичка волја, динамика и потребни капацитети. Образложи дека секој политичар мора да биде свесен за својата одговорност, а методологијата повикува на политички кредибилен, отчетен, транспарентен, предвидлив и конкретен процес и тоа е добра формула за работите да се случат.
Османи ги образложи елементите на самата методологија, нивното значење и реперкусиите врз процесот на европските интеграции на земјава. Зборуваше за шесте кластери или области за 33 поглавја, што наведе, се чини комплексно, но во исто време нуди можност за забрзување на процесот бидејќи ќе нема отворање на секое поглавје поединечно, туку ќе отвораме осум до девет поглавја наеднаш.
Информира дека СЕП направил анализа до каде сме врз основа на новото групирање на поглавјата, односно врз кластерите. Османи рече дека пред да почнеме преговори, од идентификувани 7.600 акти на ЕУ, веќе имаме транспонирано 31 отсто во нашето законодавство.
– На пример во првиот кластер „Фундаменталните принципи“ веќе имаме усогласеност со европското законодавство од 34 отсто, а од внатрешен пазар 19 отсто. Во третиот кластер „Компетитивност и инклузивен раст“ – 51 отсто, во четвртиот кластер „Зелената агенда и одржлива поврзаност“ – 56 отсто веќе е дел од нашето законодавство, посочи Османи, прикажувајќи ги графички овие податоци.
– Ако една интерпретацијата на новата методологија е дека е брза лента за добрите студенти, а лоша и бавна лента за лошите студенти, е тоа ние го баравме затоа што сметаме дека сме добри студенти и претендираме да бидеме добри студенти. И не не плашат строги критеириуми, туку напротив сакаме фер игра која ќе биде врз основа на заслуга и врз основа на јасни и предвидливи креитериуми. Најважната реченица во методологијата е каде Комисијата вели – Ќе има точно прецизирани, фер и предвидливи критериуми. Тоа нам ни треба – предвидливост бидејќи непредвиливоста во овој процес го рушеше и кредибилитетот на ЕУ, но и кредибилитетот на европскиот проект кај нас, потенцира Османи.
Ја прифаќаме оваа методологија токму поради строгоста затоа што сметаме дека на строги критериуми ние ќе бидеме најдобрите и ќе се истакнеме како први. Третиот критериум за кој зборуваше е обезбедување потребни капацитети. Тоа, како што рече, е клучна алка која треба да обезбеди успех во процесот.
Заменик-шефот на делегацијата на ЕУ Џулиан Васало изрази почит до Парламентот за усогласувањето на законодавствството. – Почнавте од тешка ситуација. Работевте заедно, и Владата и опозицијата, кој ќе остави наследство на соработка, особено кога станува збор на закондавството на Европската унија за што другите парламенти во регионот можат само да завидуваат, рече Васало. Со нетрпение, како што рече, очекуваме оваа земја да ја донесеме на пат кој е се поблиску до членство во ЕУ.
Тој изрази надеж дека земјите членки ќе го прифатат предлогот на Комисијата и оти заедно ќе отворат преговори за Северна Македонија и Албанија на Самитот во Загреб што ќе се одржи на шести и седми мај годинава. – Комисијата стои цврсто зад овие препораки да отвори преговори за членство со двете земји и наскоро ќе имаме информации за напредокот на секоја од овие земји, рече Васало.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Никола Попоски смета дека нашата најголема енергија не треба да ја трошиме на тоа каква методологија ќе утврдат туку, како што рече, час поскоро да почнеме да се посветуваме на тоа дека не зависи брзината на интеграција од статистика, колку поглавја, колку законодавни текстови ќе поминат…, туку од суштината на примената.
На седницата присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, пратеници…