Членовите на студентскиот парламент од Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) од Тетово, предводени од претседателот Агрон Демири денеска се сретнаа со премиерот Зоран Заев, на кого му врачија плакета во знак на благодарност за заложбите и за целокупната поддршка за студентите за реализација на младинските политики.

Како што соопшти владината Прес-служба, на средбата се дискутираше за меѓуинституционалната соработка, важноста на студентите и нивната улога во економскиот развој на државата, за условите кои ги креира Владата за академските граѓани, како и за реализираните мерките, меѓу кои субвенциониран студентски оброк, стипендиите од Министерството за образование и наука, младинскиот додаток и за Законот за младинско учество и младински политики.

Премиерот Заев упати честитки за Универзитетот на Југоисточна Европа кој континуирано го зголемува бројот на студенти, кои потоа се вклопуваат на пазарот на трудот и подвлече дека тоа само по себе говори за високата посветеност на студентите како и на сите вработени, академските и административните служби.

– Верувам дека со вашите стекнати компетенции и знаење, дома ќе ги развивате потенцијалите, ќе работите и придонесувате за развојот на државата. Поддршката за студентите ќе расте, а она што е важно е да се испорачува квалитет. Ние сме мала земја, но успеваме да се справиме со предизвиците, да ја развиваме економијата и системот во кој младите ќе придонесуваат и успешно ќе се реализира во областа која ја избрале“, рече Заев и додаде дека студентите преку работната група МОН-МЛАДИ во Министерството за образование и наука, учествуваат во креирањето на успешни младински политики и се консултирани за нивните потреби кои понатаму се имплементираат во конкретни мерки, нагласи Заев.

Претседателот на студентскиот парламент Демири искажа задоволство од досегашната отворена соработка и истакна дека средствата кои државата ги намени за Универзитетот на Југоисточна Европа, се доделуваат за заслужни и за социјални студентски стипендии.

Тој искажа благодарност за соработката и поддршката на младите за промовирањето на растот на студентските стипендии, како и за воведување на субвенциониран оброк за сите студенти како на државни, така и на приватни универзитети во износ од 2.400 денари.

На состанокот се дискутираше и за предизвиците и насоките кои треба да се преземат во иднина со цел унапредување на студентскиот стандард, се додава во соопштението.