Дваесетгодишник од Тетово бил фатен и казнет затоа што незаконски користел светлосен уред „флешер“ и звучен уред „хорна“ за да не плати патарина, информира СВР Тетово.  Тој го признал делото и ги отстранил уредите.

Полициски службеници од Тетово вчера во 21 часот му изрекоа соодветна казна според Законот за безбедност во сообраќајот на Ш.С. (20), кој со возило „ауди“ со тетовски регистерски таблички незаконски, со употреба на т.н. „флешери“ и хорна поминал без да плати патарина на наплатната станица Желино. Ш.С. во службениот разговор го признал делото а т.н. „флешери“ се демонтирани, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Од тетовската полицијата информираат дека МВР во соработка со Државниот инспекторат за транспорт  на 31 јануари и 1 февруари има изречено повеќе санкции за истото дело.

-Санкционирани се 32 лица за незаконско користење на т.н. „флешери“ со цел да се избегне плаќањето патарина, а ваквите засилени контроли ќе продолжат и во наредните денови, потенцираат од тетовската полиција.