Владата на денешната седница го разреши поранешниот премиер Владо Бучковски од должноста специјален претставник во преговорите помеѓу Македонија и Бугарија, потврдила владината прес-служба за Сител.

Ваквата точка поминала како дел од дневен ред за кадровски прашања, но притоа не се наведени причини за разрешувањето.

Инаку, владата на Зоран Заев на крајот на 2020 година го именуваше Бучковски за специјален претставник во преговорите со Бугарија во време кога се отвори спор меѓу двете земји притоа кон крајот на 2021 владата му го продолжи мандатот како олеснувач на дијалогот меѓу двете земји.

Бучковски повеќе пати патуваше во Бугарија, имаше средби со претседателот и премиерот на таа држава, како и со министри и други влијателни јавни личности и беше гостин на телевизиски канали каде даваше свои мислења и предлози како да се надмине спорот меѓу двете држави.

Тој беше оптимист по изборот на новата Влада во Софија и рече дека ќе се надмине спорот.

-Временската рамка за овие работни групи, кои ќе бидат исполнети со интензивни состаноци, може да се скрати. Во тоа сум убеден, но ситуацијата ќе биде појасна по средбата на новиот македонски премиер Димитар Ковачевски со неговиот бугарски колега Кирил Петков, која е закажана за средината на јануари. Во 2022 година очекувам да се постигне взаемно прифатливо решение со Бугарија. Решение кое ќе се заснова на меѓусебно почитување и ќе се одржува. Бугарската блокада ќе биде укината. Почетокот на преговорите со ЕУ конечно ќе биде реалност, рече Бучковски во последното интервју за БГНЕС.

За промената на учебниците, Владо Бучковски вели дека тоа е задача на мешовитата историска комисија која мора да постигне договор за текстовите во учебниците.

„Нашето општество знае дека оваа комисија долго време успешно работи на координација на текстовите за учебниците по историја за основно образование и за Цар Самоил, појасни Бучковски.