Личностите со кои опозициската коалиција ќе настапи на претстојните избори би требало да бидат промовирани утре, на настан во Македонска филхармонија, доколку тоа не се коси со забраната на здравствените власти за масовни јавни собири.
Кандидатските листи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата ќе бидат утврдени вечерва на седница на највисоките партиски органи. Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев денеска на прес-конференција изјави дека листите сè уште се во фаза на селекција и дека единственото што може да го каже е дека на нив ќе нема стари и компромитирани кадри.

„Имињата на кандидатите ќе ги соопштиме денеска. Во попладневните часови ќе се одржи седница на највисоките органи на партијата, по што во јавноста ќе ги објавиме сите 120 имиња на кандидати. Она што можам да го кажам е дека тоа нема да бидат стари и компромитирани кадри, односно дека нема на никој начин да бидат кадри какви што нуди СДСМ“, изјави Јанушев.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ утре ќе ги промовира кандидатите на конвенција во Македонската филхармонија. Изрази надеж дека настанот ќе се одржи, а во однос на препораката на здравствените власти да се избегнуваат јавни собири рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе почека на заклучоците на владата.

„Се надеваме дека промоцијата во Македонската филхармонија ќе се одржи. Малку доцна се сетија да ги зајакнат мерките за заштита од коронавирусот. Сепак, добро е што ги послушаа нашите сугестии. Да ги почекаме заклучоците, па ќе одлучиме како ќе постапуваме“, рече Јанушев.

Тој се спомнува како можен носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во третата ИЕ, каде што негов директен противник би бил генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски. На неколку дена пред истекот на рокот за доставување на листите во ДИК повторно се засилија шпекулациите дека носителка на листата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде професорката Гордана Силјановска-Давкова, која беше кандидатка за претседателка на државата на ланските избори. Во „двојката“ за носител на листа во игра е партискиот потпретседател Владо Мисајловски. Најголема енигма засега останува кандидатот со кој ВМРО-ДПМНЕ ќе му се спротивстави на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во четвртата ИЕ. Не се исклучува можност тука ВМРО-ДПМНЕ да изигра „тактички“ и да ја номинира разрешената министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, која се споменува и за „петката“ како противкандидатка на Радмила Шекеринска. Според партиски извори, тоа е можност што се разгледувала. Сепак, како поиздржани имиња за овие две изборни единици се споменуваа партискиот потпретседател Александар Николоски и оперскиот пејач Игор Дурловски. Дополнителната заменик-министерка Дафина Стојановска се спомнува како можна носителка во „шестката“.

Јанушев, на денешната прес-конференција, ги критикуваше кандидатите за пратеници што беа утврдени на вчерашниот конгрес на СДСМ, а посебно носителите на листи. За Зоран Заев рече дека на секој можен начин го погазил достоинството на државата и на нејзините граѓани. За Радмила Шекеринска забележа дека е истрошен кадар од времето на транзицијата. За Никола Димитров оцени дека со „свиткана кичма“ дошол до врвот на својата кариера. Оливер Спасовски, според Јанушев, е најнеспособен министер за внатрешни работи досега, кој, како што рече, не запленил ни грам кокаин во својата кариера. За Николовски рече дека како министер за земјоделство ги разочарал земјоделците, затоа што сакал да прави кариера врз нивниот грб.

Јанушев единствено се воздржа од коментар за носителот на листата на коалицијата на СДСМ во шестата изборна единица – Билал Касами, лидерот на Беса. Тој го критикуваше и кандидирањето на листата на СДСМ на досегашните пратеници Панчо Минов и на Зекир Рамчиловиќ, кои на изборите во 2016 година беа на листи на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Николовски од СДСМ, пак, му одговори на Јанушев дека владејачката партија со селекцијата на кадри за претстојните избори вовела нови стандарди на политичко дејствување во земјава.

„СДСМ ја има најразноликата коалиција досега. На листите на СДСМ има многу млади луѓе. Има осум кандидати помлади од 30 години на добитни места на листите. Се водеше сметка да бидат застапени сите заедници и сите политички субјекти. Конгресот на СДСМ вчера ги потврди и новата коалиција на новата изборна програма, базирана на пет столба. Целата кадровска понуда помина низ нов начин на селекција, со вклчученост на експерти однадвор. Со сето тоа воведовме нови стандарди во политичкото дејствување на земјата“, рече Николовски.

Извор: 360 степени