Денеска, Шпанскиот парламент го ратификуваше протоколот за НАТО со ниту еден глас против со што Република Северна Македонија станува 30 земја членка на НАТО.

-Со нула гласови „против“ шпанскиот Сенат го ратификува Протоколот. Во име на Владата и сите македонски граѓани изразувам благодарност до Шпанија, шпанскиот Сенат, до министерката за надворешни работи што ова прашање беше ставено на дневен ред во вакви тешки околности и во светот и во Европа и за Шпанија, истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров на заедничката-прес-конференција во Владата со шпанскиот амбасадор Емилио Лоренцо Сера.

Шпанија беше последната од 30-те членки кои го ратификуваа договорот.

Што значи членството во НАТО?

Членството во северноатланската алијанса, пред се значи безбедносна гаранција. Границите на државата еднаш-засекогаш се загарантирани. Нешто што е од огромно значење, знаејки низ што се` помина балканот изминативе 30 години.

Ако било која земја членка на НАТО биде нападната, тоа значи дека е нападнат НАТО, односно Америка и останатите 29 членки. Самото по себе ова кажува многу.

Една од најбитните придобивки е зголемувањето на странските инвестиции и намалувањето на невработеноста.

Секоја голема компанија која сака да инвестира во друга држава, прв предуслов е таа земја да е членка на НАТО. Тоа значи, дека по зачленувањето на РС Македонија во евроатланскиот сојуз, бројот на странски инвестиции се очекува да расне а со тоа да опаѓа невработеноста.

Во контекст на ова, како пример ќе ги земеме земјите од регионот, пред и по зачленувањето во НАТО.

Последното проширување на НАТО се случи во 2017г, кога Црна Гора стана 29-та членка на алијансата. Од регионот, членки на НАТО се и Албанија и Хрватска кои пристапија кон НАТО во 2009 година.

По влезот во НАТО, на годишно ниво странските инвестиции во Албанија се зголемуваат и за една милијарда евра ( на пример во 2016 година) и тие достигнаа околу 10% од Бруто домашниот производ. Инвестициите пак директно ја менуваат сликата со невработеноста – најголемата болка на земјите од регионот. Неодамна, министерот за економија и финансии на Албанија, повикувајќи се на податоци од Институтот за статистика, соопшти дека во земјата е измерена историски најниска стапка на невработеност од 12,5%.

 

Странски директни инвестиции во % ОД БДП

                             Пред членство       По членство

 

АЛБАНИЈА            5,5%                             9,1%

БУГАРИЈА              7,0%                           19,7%

ЦРНА ГОРА             9,8%                          11,2%

 

По членството во северноатланскиот сојуз, прв позитивен сигнал ќе биде испратен до странските инвеститори, потенцира во една своја изјава од 2018г Исмет Рамадани, претседател на невладината организација Евро-Атлански совет на Македонија, што пак директно треба да се одрази и врз состојбата со невработеноста.

“Членството во НАТО по автоматизам ќе биде добар сигнал за големите компании, особено оние корпорации што работат на повеќе пазари во светот. Токму за нив е важно дали земјата во која сакаат да вложат е членка на алијансата, што би значело сигурност за нивниот капитал, секако доколку проценат дека имаат економски интерес за инвестирање. Ќе посочам неколку примери за ефектот од членството во НАТО врз економијата. Бугарија кога стана членка на НАТО во 2004 година имаше салдо на странски инвестиции од 7,5 милијарди евра, една година потоа нивото се искачи на 11,5 милијарди евра. Сега се коментира дека Бугарија се уште заостанува зад другите змеји од ЕУ, и дека се соочува со исселување, но да се потсетиме каде беше оваа земја пред НАТО и какви беа нејзините економски параметри. Истото важи и за Албанија. По пристапувањето во НАТО инвестициите се зголемија на 8,5 милијарди евра, тоа се случи и со Полска, Чешка, Словачка. Сите овие земји секако дека имаат уште проблеми и се соочуваат со економски предизвици, но важно е да се види дали направиле исчекор во однос на состојбата пред нивното членство во северноатлансиот сојуз” – вели Рамадани.