Добра можност повторно да ја потсетам македонската јавност дека не се сите исти, вака министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски го започна одговорот на пратеничкото прашање поставено од опозицијата.
“За разлика од претходно, во она време на режимот, најубавата и најплодна земја беше дадена на Субрата Рој и 5.000 хектари цели шест години останаа необработени. Денес тоа земјиште е кај вистинските земјоделци и се обработува.” – потенцира Николовски.
Министерот во одговорот посочи дека Овчеполието денес има склучени 2.500 договори за сите овие години, а најголем интерес има во Свети Николе каде се достигнале и најголемите цени за закуп преку електронските надавања.
“Само оваа година преку повеќе огласи на располагање ставивме 14.000 хектари земјоделско земјиште за обработка на житни култури, подигнување на долгогодишни насади и производство на сточна храна, преку една транспарентна постапка, а не преку непосредни спогодби.” – нагласи Николовски.