Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ в четврток, на 30 декември, да се одржи седница на пратенички прашања е беспредметно.

Џафери потсети дека на ова прашање одговорил уште на 23. овој месец, по нивното процедуралното интервенирање.

-Според договореното на координација претходно, консензуално беше определно 23 декември да биде денот на одржување на пратенички прашања, и со тоа се заокружува обврска на Собранието да ја планира активноста што произлегува како обврска од Деловникот. Барањето е беспредметно и мислам дека ќе биде вратено со ова образложение, затоа што како што кажавме Владата е во оставка и мандатот на владините претставници е престанат, а на пратенички прашања, според Деловникот по секоја цена треба да биде премиерот, а кој премиер ќе биде, кој нема мандат. Значи од таа причина не може да се очекува, нагласи Џафери. Додаде дека барањето е направено, пристигнато до него и најави дека соодветно ќе биде одговорено.

Одговарајќи на новинарско прашње, Џафери рече дека оваа година не е малку сработено во Собранието. Според него, Собранието соодветно сработило.

-Не мислам дека е многу малку сработено, мислам дека е сработено соодветно спрема она што е динамика на работа на Собранието и спрема она што се процедурите, а дел од точките што стојат на комисиите ќе треба со претседателите на комисиите да ги видите причините зошто тие точки стојат таму, во што е пречката, изјави Џафери.