-Говорот на омраза после моето доаѓање да гласам во Собранието беше огромен. Заканите по живот безбројни, затоа им посакувам на колегите Мицевски и Петкова никогаш да не го почувствуваат бесот на сограѓаните, никој да не ги плука додека шетаат со децата, а и да не доживеат да си одат дома со влечна служба поради разлабавени кочници на автомобилот. За среќа, благодарноста од граѓаните кои чекале месеци на помошта за кои гласав беше единствена светла точка, вели пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска

Лавината тргна откако таа и пратеникот Мирослав Богдановски од ДОМ, во април го обезбедија кворумот за 32-та седница на парламенот. Двајцата излегоа од изолација и со скафандери учествуваа во работата на Собранието, според „Протоколот за спроведување гласање за пратеници кои се наоѓаат во домашна изолација“. Опозицијата тоа го сметаше за несоодветно, па за Костадиновска и Богдановски, како и за претседателот на Собранието, Талат Џафери, партиите Левица и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа кривични пријави.

Сепак вчера двајцата пратеници од ВМРО–ДПМНЕ кои се позитивни на ковид-19, облечени во скафандери пристигнаа во Собранието и таму седеа цели шест часа, за да присуствуваат на собраниска седница на која требаше да се гласа за недоверба на Владата на премиерот Зоран Заев.

Пратеникот Никола Мицевски, кој е и координатор на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ и за пратеничката Ангелика Петкова поради протоколите мораа да заминат но сепак не се вратија во Собранието.

– Се надевам дека нема да има кривична пријава за биолошки тероризам овој пат. Веројатно сите сме свесни што зборував пред година и пол за потребата од онлајн работа – рече на почетокот на седницата претседателот на Собранието Талат Џафери.

Костадиновска вели дека на денот кога дошла да гласа, била во целосна заштитна опрема и никој не бил изложен на никаква опасност.

„Се движев по протокол кој беше дополнет во ноември минатата година, за да може да можат да гласаат Ковид-позитивни пратеници како мене, кои се асимптоматски и не се на болничко лекување. Апсолутно е неточно дека сум прекршила здравствен протокол. Поголемо и побезобразно прекршување е она на Наум Стоилковски кој потроши заштитна опрема залудно да се прошета во полициски час, или на ВМРО- ДПМНЕ во Битола кога шетаа со скафандери по Широк Сокак. Јас бев придружувана од лекар и сестра, во Собранието се движев по посебна патека и гласав во кабина над пленарната сала. Да потсетам, и Арбен Зибери гласаше по истите протоколи и од истото место за избор на Владата! Апсолутно никој не беше изложен на никаква опасност!“. Зборуваме за родова еднаквост и женска солидарност, а ниту една од пратеничките од опозицијата не стана да го осуди ни говорот на омраза од Левица од типот ‘ќе висите, децата крв ќе ви плукаат’, вели Костадиновска.

Потсетува и на навредливите амандмани на Левица на предлогот за онлајн учество во работата на парламентот за пратеници кои се во изолација (пратеникот да има бојадисано јајце пред камера, да не се слуша бебешки плач во позадина и сл.).