Согласно анализите на Институтот за јавно здравје, во период од една седмица за 51 процент е зголемен бројот на позитивни од тестирани на ковид-19. Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи, соопшти денеска Министерството за здравство.

Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст од 30 до 39 (27 проценти), од 20 до 29 (24 проценти) и од 40 до 49 (17 проценти). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0 до 9 (2 проценти). Најголемо зголемување на заболени е кај возрасната група од 20 до 29 години, како и кај возрасната група од 30 до 39 години.

Во период од една недела, односно од 3 до 9 јануари, пријавени се 946 реинфекции, со зголемување од седум пати во однос на претходната недела. Во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје, во периодот од 5 до 10 јануари годинава, направено е секвенционирање на вкупно 152 позитивни примероци на ковид-19, а во 104 од нив (68 проценти) е детектирана омикрон варијантата. Омикрон варијантата е откриена во 12 градови и тоа: Скопје – 48, Охрид – 27, Кочани – седум, Тетово – шест, Велес – пет, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци по два и Виница, Неготино, Битола по еден заразен.

Според извештаите од болниците, наведуават од Министерството за здравство, моментално на територија на цела држава се хоспитализирани 351 лице што е 41 процент повеќе во споредба со претходна недела. Од вкупниот број хоспитализирани пациенти, 156 се во Скопје на КИБФС, ТБЦ и ГОБ 8 Септември. Во останатите болници низ државата хоспиталзиирани пациенти има во Битола, Штип, Велес, Куманово, Охрид, Прилеп, Струга, Кичево, Кавадарци и Струмица.

Зголемен е бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците во државата, бројот на прегледи на дневно ниво понекогаш во болниците во Скопје надминува 100 пациенти.Според епидемилошките анкети најголем дел од пацинетите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптоми/добивање на позитивен резултат, соопштуваат од Министерството за здравство и апелираат граѓаните кои чуствуваат какви било симптоми, да направат тест и да се изолираат за да спречат ширење на вирусот.