Министерот Љупчо Николовски оствари средба со амбасадорката на Украина, Лариса Дир, за соработката во доменот на земјоделството и за унапредување на трговската размена со земјоделско-прехранбени производи меѓу двете земји.
-На денешната средба со амбасадорката на пријателска Украина, Н.Е. Лариса Дир, разговаравме за соработката во доменот на земјоделството и за унапредување на трговската размена со земјоделско-прехранбени производи меѓу двете земји, која ќе добие дополнителен поттик со потпишувањето на Одлуките за ревидирање на Протоколите од Договорот за слободна трговија меѓу двете земји, што се планира да се реализира во текот на октомври оваа година.
Со ревидирањето на Договорот за слободна трговија ќе се обезбедат дополнителни царински олеснувања за голем број земјоделски производи од Северна Македонија што се извезуваат на украинскиот пазар, а целосно ќе се либерализира извозот во Украина на свежи домати, зелка, краставици, грозје и јаболка.
Ќе се либерализира и увозот на повеќе прехранбени производи од Украина во нашата држава. На средбата уште еднаш беше потврдена подршката што ја дава Република Северна Македонија на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.