Единството во СДСМ секогаш е основа и база на победите и на промените. Тоа го докажавме на 17 мај 2017 година, клучниот датум кога граѓаните се кренаа и дојдоа по промените, срушија режим, донесоа слобода и демократија, порача вечерва генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски.

-И тогаш бевме единствени и секако и денеска СДСМ е повеќе од единствен. Вчера на 26-от Конгрес на партијата испорачавме нова кадровска и нова програмска политика, но не може сите 809 делегати да имаат исто мислење по било кое прашање. Ние ги поткрепуваме и поттикнуваме дебатата, дискусијата и различното мислење и тоа се дел од новите политики – вклучувањето и отвореноста на СДСМ за луѓе кои не размислуваат исто како секој од нас. Сме имале различни ставови и во раководството по одредени прашања и постојано ја поттикнуваме дебатата за да изградиме исправни политики, на овој модерен, европски, разнолик СДСМ каков што денеска го имаме, рече Николовски во интервју за ТВ Сител.

Нагласи дека вчерашниот конгрес донел нови генерациски промени во СДСМ и додаде дека новите кадри и генерација на партијата треба да ги искористат искуствата од поранешното раководство и да испорачаат резултат, проекти и идеи кои од нив ги очекуваат граѓаните.

-Вчера имаше и дебата и дискусија, но и огромно единство при носењето на сите одлуки, рече Николовски.

Прашан дали промените во партијата значат и промени во владиниот состав, рече дека тоа треба да го каже премиерот, но додаде дека не смета оти се потребни промени по само 8,5 месеци.

Во пресрет на локалните избори, како што кажа, се следи работата на актуелните градоначалници од СДСМ и се мотивираат да ги завршат започнатите проекти.

-На локалните избори мора да имаме чесна понуда, одговорни кадри што ќе бидат најдобри на анкетите. Кон крајот на месецов ќе преминеме и на штапска работа, ќе биде избран централниот изборен штаб и ќе започне постапката за евидентирање и предлагање кандидати за советници и градоначалници. Ќе ги искористиме сите модерни алатки кои ги направивме и имплементиравме во овој период, ќе им овозможиме на сите членови да гласаат и ќе направиме истражување што мислат граѓаните. Верувам дека освежувањето со две третини нови членови во Централниот одбор и со новите луѓе на клучните позиции на партијата ќе продолжи и во изборот на кандидати. Сепак, оние што се докажале и испорачале резултати ќе имаат можност повторно да се кандидираат, рече Николовски.