Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, ја информира јавноста дека е објавен јавниот повик за учество во Пилот мерката за Субвенционирање на плати во текстилниот сектор во Источниот, Вардарскиот, Полошкиот и Југозападниот плански регион.

Оваа мерка е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година, усвоен од Владата на Република Северна Македонија.

Мерката е наменета за невработени лица кои ги изгубиле работните места во текстилниот сектор заради последици од пандемијата предизвикана од вирусот COVID 19 и невработени млади лица до 29 години евидентирани во АВРСМ.

Со оваа мерка се обезбедува финансиска поддршка за работодавачот со субвенција на плата во времетраење од 12 месеци. Висината на финансиската подршка е во зависност од бројот на лицата кои ќе ги вработи и тоа за вработување од 5 до 20 лица, 15.400 денари по лице месечно (за секое младо лице до 29 години 18.500 денари месечно),за вработување над 20 лица по 21.600 денари месечно (за секое младо лице до 29 години 24.600 денари месечно),за вработување над 50 лица по 24.700 денари месечно (за секое младо лице до 29 години 27.700 денари месечно)

Заинтересираните невработени лица и работодавачи кои ги исполнуваат пропишаните критериуми за учество можат да аплицираат до 29.12.2021 година.