Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски при вечерашното гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21 зборува за повеќе актуелни теми. Со него домаќинот разговараше и за политичката криза во која се најде земјава иницирана од оставката на премиерот Зоран Заев по локалните избори. Пендаровски ги открива реакциите од меѓународната заедница по најавите дека Заев ќе се повлечи од политиката.

-Сега ќе си дозволам мала дискреција, имав една мала, тоа се куси средби од нога не можам да кажам дека тоа се разговори. Но, германската канцеларка Меркел неколку пати ме праша за мотивите на оставката, дали вие мислите дека тоа беше вистински потег. Мојот одговор, тоа му го пренесов и на Заев по враќањето, реков се разбира дека не. Се разбира дека не. Заради губење на една, две, три пет или десет општини, заради губење на локални избори, независно што сте ветувале претходно ова е едно друго ниво во политиката. Вие водите држава имате мандат од четири години сосема легитимно добиен и не можете ни на половина од тој мандат да кажете, заради Скопје, заради Прилеп, Куманово итн. јас си заминувам. Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг надвор од неговиот карактер да го наречам, два пати ми го постави истото прашање саат, саат и половина бидејќи бевме во една од тие пред-простории во кои се подготвувавме за сесиите и постојано ме прашуваше, зошто? Му реков, не е лошо да се слушнеш со Заев директно да ти објасни, така што изненадувањето беше големо од страна на меѓународната заедница, бидејќи знаете дека изминативе неколку години, Заев беше прилично позитивен пример, посочи Пендаровски на ТВ21.