Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за проблемот со пасошите кој го има министерството и можното решение за привремено продолжување на важноста со печат на постоечките пасоши.

„Чулев како и во сите претходни околности избрзува и некогаш со недоволно информирање создава уште поголем хаос во јавноста, затоа што ова е едно од прашањата коешто беше дискутирано на проширениот состав на управувачкиот комитет и ова е решение коешто го предложив јас. Тоа не е ново решение, само зедов пример од земји кои во минатото се соочиле со сличен ваков проблем и на ваков начин го решиле“, рече Петровска.

Таа вели дека решението се разгледува, но дека е потребна измена на законско решение, во ситуација на распуштен Парламент, што ја комплицира ситуацијата.

„Гледаме дали е неопходно свикување на Парламентот, или можеме да изнајдеме решение на некој друг начин. Ги разгледуваме сите опции и тоа го правиме навистина брзо и интензивно затоа што ова е прашање коешто е од големо значење за граѓаните“, вели Петровска.

Таа кажа дека идејата е печатот да се става на последната страница во пасошите, во службите на МВР.