Повеќе од 500 цивили, меѓу кои 130 жени и постари лица, беа повредени за време на немирите во Алмати, а пожар ја зафати и резиденцијата на казахстанскиот претседател и седиштето на градоначалникот во тој казахстански град.

Демонстранти денеска влегоа во канцеларијата на градоначалникот на Алмати, најголемиот град во Казахстан, по избувнувањето протести поради поскапувањето на енергентите. Полицијата се обиде со солзавец и шок-бомби да ги растера неколкуте илјади демонстранти, од кои некои беа вооружени со палки и штитови претходно одземени од безбедносните сили.

Полицијата не успеа да ги спречи демонстрантите да влезат во зградата на градската администрација, пренесе агенцијата „Франс прес“.

Над 200 луѓе се приведени во протестите што се проширија во централноазиската земја од Нова година поради поскапувањето на течниот нафтен гас, гориво што често се користи во автомобилите на западот од земјата, соопшти утрово полицијата.

Во протестите изгореле 120 возила, од кои 33 амбулантни и пожарникарскии, 120 продавници и трговски објекти, 180 угостителски објекти, а оштетени се околу 100 канцеларии.

И покрај прогласената вонредна состојба во Алмати синоќа, голем број демонстранти се уште се на улиците. Медиумите пренесоа и сведоштва од присутни, кои наводно виделе како дел од полицијците во Алмати ги фрлиле своите значки и опрема и им се придружиле на демонстрантите.

Овие протести се досега најголемата закана за режимот воспоставен од Нурсултан Назарбаев, поранешен комунистички секретар, кој стана претседател на поранешната советска република во 1991 година по стекнувањето независност.

Назарбаев, по кого денес е именуван главниот град Нур-Султан, поднесе оставка во 2019 година и за негов наследник го назначи Касим-Џомарт Токаев, актуелниот претседател. Претходно денеска, Токаев прогласи вонредна состојба во Алмати и околните области, а потоа и во Нур-Султан, пренесува „Ројтерс“.