Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, денеска, оствари средба со рускиот амбасадор во земјата, Сергеј Баздникин.

На средбата се разговарало за унапредување на соработката меѓу Прилеп и Руската Федерација како значаен партнер на нашата држава.

„Денес остварив средба со амбасадорот Сергеј Баздникин, кој ми го честита изборот за градоначалник. Заемно изразивме желба за продлабочување на добрата соработка меѓу Прилеп и Амбасадата на Руската Федерација преку размена на позитивни искуства и добри практики во повеќе сфери на општествениот живот. Го запознав со програмата, која се надевам дека во мојот четиригодишен мандат ќе биде реализирана. Воедно, идејата што пред десетина години ја почнавме за збратимување на Прилеп со град од Русија се надевам дека ќе ја реализираме. Денеска добивме и понуда како предлог од амбасадорот дека со еден град од Московскиот Регион набргу ќе бидеме збратимени. Тоа беше и еден од проектите што од 2017 година тежнееме да го реализираме благодарение и на руско-македонското друштво од Прилеп“, изјави градоначалникот Јовчески.

Амбасадорот Баздникин се заблагодарил за средбата и потврдил дека односите на двете земји се на високо ниво и дека постојат отворени можности за соработка во областа на културата, туризмот и економијата.

„Ние сме потполно отворени за соработка во сите области што се од интерес за граѓаните на Прилеп. Убеден сум дека тоа ќе биде голем придонес за подобрување на животите на граѓаните“, изјавил рускиот амбасадор.